Петар Печков
Објавено: вторник, 03 март 2020
Двајца велешани уапсени откако биле фатени на дело, како превезуваат мигранти. МВР против нив до обвинителството за организиран криминал поднесе кривични пријави за “криумчарење на мигранти“ . Во неделата во рано наутро, во близината на Штип, кај населбата Три Чешми биле откриени како превезуваат 78 лица. Претходно возачот не застанал на знакот на полицијата, туку побегнал, но набргу биле сопрени.
Неделата на 1-ви март околу 4 часот во населбата Три Чешми- Штип, на патот во изградба Штип -Кочани, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при ОГРМ сопреле товарно моторно возило „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки управувано од С.П.(46) и со возач Т.Р.(32) двајцата од Велес, кое претходно не застанало на даден знак, при што биле пронајдени 78 мигранти. С.П и Т.Р. биле лишени од слобода - соопштија од МВР.
По извршената проверка било констатирано дека 41 лице е од Пакистан, 26 од Авганистан, пет од Сирија, четири од Египет и две лица од Турција.
Пред четири дена, средата ноќта, повторно близу Штип, кај селото Лакавица, беше откриен З.Б. (39 год) исто така велешанец кој превезувал 40 мигранти - 36 од Авганистан и четворица од Пакистан, за што доби кривична пријава “криумчарење на мигранти“ како и притвор. Ги превезувал во патничко возило- комби „пежо“ со велешки регистарски ознаки.
Tweet |