Петар Печков
Објавено: вторник, 14 април 2026
Притвор од 30 дена за две лица од селото Корешница, Демир Капија кои грабнале момче на 21 година од Неготино. Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против Б.М.и Ќ.С.,, за кои постои основано сомнение дека биле соизвршители во кривично дело – Грабнување согласно член 141 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Двајцата осомничени, на 12 април, заедно извршиле грабнување на лице со намера да го присилат да сними изјава со признание дека ја силувал сопругата на првоосомничениот 37-годишник. Неговиот соизвршител, 30-годишник од истото село, при грабнувањето употребил и пиштол, кој го репетирал и со кој му се заканил на оштетениот. Тие го качиле оштетениот во автомобил од дворот на неговата куќа во Неготино и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, а за цело време му се заканувале по живот и го удирале со боксови. Го фрлиле мобилниот телефон на оштетениот и му ставиле црни ќеси на главата за да не гледа каде го носат. Кога стигнале во шума, го извадиле од возилото и го терале да слуша аудио снимки и да признае дека тој е сниманото лице, но оштетениот за цело време негирал. Поради тоа, двајцата осомничени му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди“ – соопштија од ОЈО Кавадарци.
Пред да му го фрлат мобилниот телефон, момчето успало да прати порака за помош во полиција, а и соседите го виделе како влегува во возилото. Врз основа на овие информации, полицијата ги идентификувала грабнувачите и ги контактирала, а тие дознавајќи дека се откриени го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино.
Бидејќи станува збор за тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 4 години, јавниот обвинител процени дека постои основан страв дека осомничените ќе се дадат во бегство или ќе извршат ново кривично дело доколку се бранат од слобода, па до судијата на претходна постапка при Основен суд Кавадрци, доставил предлог за определување мерка притвор.Мерката е приафатена и изречен притвор во траење од 30 дена.
Претходно вчера велешката полиција со детали за настанот.
„На 12 април во 16:45 и 18:40 часот, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода Б.М.(37 год) и Ќ.С.(30 год), двајцата од село Корешница, демиркаписко, постапувајќи по претходна пријава дека тие со патничко возило „мерцедес“ со демиркаписки регистарски ознаки, противправно лишиле од слобода 21-годишник од Неготино, му се заканувале со пиштол и остар предмет, по што го однеле на непозната локација и физички го нападнале. Пиштолот и останати предмети биле пронајдени и одземени“ – соопшти Ана Милевска Ѓорѓиева, портпарол на СВР Велес.
| Tweet |




