Петар Печков
Објавено: вторник, 22 јуни 2021
Двајцата кумановци кои беа уапсени како превезуваат марихуана, во нивниот камион, го признаа делото и добија затворски казни. Во Основен суд Велес за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги“ беа прогласени за виновни и добија вкупно девет години и четири месеци затвор.
Судијката Габриела Гајдова на Зоран Младеновски (53 год) како извршител му изрече казна од 5 и пол години затвор а на Амди Исмаили ( 60 год) како помагач, три години и десет месеци затвор. Во нивниот камион, превезувале 36 кг. марихуана. И камионот и марихуаната се одземени.
Според обвинението Младеновски и Исмаили. од Косово набавиле марихуана заради понатамошен транспорт до Турција, со цел стекнување на противправна имотна корист. На 4-ти ноември минатата година, тие отпатувале во Косово за да ја преземат марихуаната, по што се вратиле во земјава.
На 9-ти ноември Младеновски тргнал за Турција при што на автопат Скопје- Велес изгубил контрола над возилото и излетал од автопатот во провалија кај Ветерско. Камионот е кренат со хеликоптер и во него полицајците од Единицата за недозволена трговија со дрога ЕНТД по извршен е преглед на товарното возило пронајдена е марихуаната.
Tweet |