Петар Печков
Објавено: среда, 17 мај 2017
Вторникот навечер во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложба на дела од 23-тата Меѓународна Кичевска ликовна колонија.
Пред велешката јавност претставени се 38 дела од 65-те изработени, кои се авторство на 23 учесници од 13држави: Македонија, Израел, Северен Кипар, Индија, Ирак, Албанија, Бугарија, Србија, Германија, Казахстан, Хрватска, Косово и Турција.
Делата се изработени различна техники, акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника како и 4 скулптури од метал и 1 скулптура од дрво.
На изложбата имаме можност да видиме различни светови и индивидуални пристапи при утврдување на ликовните образци. Секој од овие творци, преку изборот на својот личен ликовен говор се обидува да воспостави една нова врска меѓу духот и сопственото време, да ни ја открие вистината и од онаа страна што ние помалку позната. Колонијата има за цел да го стимулира, поттикнува, развива и унапредува ликовното творештво, да ги збогатува постојните ликовни фондови со нови современи уметнички творби. Преку своите облици на интернационално комуницирање придонесува за зближување на уметниците од целиот свет, и врши популаризација на современата ликовна уметност. – изјави Горан Доневски член на Советот на колонијата.
Во креативна творечка и релаксирана атмосфера авторите работеле од 2-ри до 16-ти Јули 2016, во прекрасниот амбиент во Куќата на Уметноста во село Кнежино - Кичево. Ликовната колонија започнува со работа првата сабота во месец јули секоја година и трае две недели.
Уметниците своите дела ги изработуваат во хотелот “Куќа на уметноста” сместен во густа констенлива и борова шума на 960 метри надморска височина. Од своето формирање во 1994 –та учествувале голем број на уметници од различни земји и досега се создадени 1,6 илјади дела.
Организаторот Доневски најави дека годинава колонијата ќе работи од 8-ми до 22 јули и ги покани сите кои можат да ја посетат и бидат гости, да видат како авторите работат.
Tweet |