Петар Печков
Објавено: понеделник, 09 октомври 2023
Кавадарчанката Марина Бошкова (51 год) е осудена на 10 години затвор. Таа е обвинета за убиството поради семејно насилство, над Илија Милошевски (71 год) од Кавадарци, кое се случи на 6 септември 2022 година во Кавадарци. Марина била во домот на Илија во Кавадарци, со кого била во љубовна врска, и по вербална расправија, настанала меѓусебна физичка пресметка, во која осомничената со остар предмет му нанела повреди а потоа истурила течност врз телото, го запалила и го напуштила местото. Телото на починатиот беше пронајдено на 8 септември лани.
Според судијката Габриела Гајдова, одлуката за дилемата дали Бошкова е сторител на делото, била расчистена врз основа на исказ даден пред обвинител а во присуство на нејзин бранител.
„Обвинетата целосно го признава делото пред обвинител од ОЈО Кавадарци, како што е опишано во обвинителниот акт и детално ја опишува динамиката на настаните а истиот записникот своерачно го потпишала. Судиите на четирите Апелациони судови имаат донесено заклучок на 11 април 2017 година, дека врз исказ даден од обвинет , даден пред обвинител, може да се темели пресуда и тој има доказна вредност. Според ДНК анализата на ракавот од маицата на обвинетата, пронајдени се траги од нејзината крв. Извештајот од мобилниот оператор покажува дека обвинетата на 6 септември лани во критичниот период од 14,30 до 15,30ч, била во близина на базна станица на мобилен оператор, кој лоцира дека е во близина на домот на убиениот. Исто како што податоците на мобилниот оператор, покажуваат дека и на 3 септември во период од 12 до 13ч. била во домот на Илија. Од доказите не може да се заклучи дека обвинетата го сторила делото во нужна одбрана, бидејќи по неколкуте убоди партнерот паднал на земја, таа продолжила да му нанесува нови. Ниту пак ова е убиство од миг или стеснета свест, според психијатриското сведочењето на вештото лице“ - образложи судијката Гајдова, која беше претседател на кривичниот совет кој го судеше овој предмет.
Отежнителна околност е што обвинетата, откако партнерот физички ја нападнал, во првите моменти му нанела неколку убоди и тој паднал, таа продолжила да му нанесува повреди со ножот. Олеснителна околност е што таа пред да се случи убиството, била физички малтретирана.
„Изреченото образложение во целост ги потврди тврдењата на обвинителството, дека обвинетата го сторила делото. Во однос на висината на изречената затворска казна, ќе ја сочекаме писмено изготвена пресуда, па дополнително обвинителството ќе изгради став за понатамошниот тек на кривичната постапка“ -рече обвинителката Гордан Тодорова.
Обвиената Бошкова во главната расправа негираше дека го сторила делото. За одбраната не постои цврст материјален доказ, оти на ножот кој е пронајден на местото на настанот и со кој е извршено делото, нема траги од обвинетата туку од убиениот Илија и од непознато машко лице.
„Не сме задоволни со донесената пресуда. На главната распава се утврди поинаква фактичка состојба. По добивањето на писмено изготвена пресуда и во дадениот рок ќе следи жалба“ - изјави адвокат Александра Јовановска, бранител на обвинетата.
Бошкова до правосилноста на пресудата останува во притвор.
Tweet |