Петар Печков
Објавено: сабота, 16 февруари 2013
Десетина дена се одвивала драма во велешкото семејство Балови, откако тие биле во потрага по нивниот татко Петре Балов. Тој исчезнал на први февруари, кога излегол од дома и не се вратил. Неговите блиски се обратиле на полиција, го барале во велешката Болница, но од седумдесет и осум годишниот Балов ни трага ни глас.
Потоа семејството се обидело и преку локалните медиуми да го побара Петре, со надеж дека некој го видел, ќе го препознае и ќе ги информира каде е старецот. Бидејќи бил рибар биле пребарани и беговите на реката Вардар, поблиската околина на градот, но од Балов никаква трага ниту глас. За по десетина дена тој да се појави дома на вратата, на голема радост но и изненадување на блиските. А уште поголемо кога дознале дека тој десетина дена лежел на Скопските клиники, каде бил задржан на лекување. Семејството Балови се среќни што нивниот Петре Балов се врати здрав и жив.
Бев во болница во Скопје. Моја грешка е што и на најблиските не им кажав дека ќе одам на преглед. Лекарите ме задржаа на понатамошно лекување. Ме пуштија и еве сега сум пак тука, дома - вели Петре Балов.
Објаснува дека со здравјето е добар и дека нема да се повтори да замине некаде, а да не им каже на домашните, но како страстен риболовец и понатаму ќе оди да лови риба на Вардар.
Tweet |