Петар Печков
Објавено: среда, 23 мај 2012
Здружението на лица заболени од церебрална парализа од Велес и Фондацијата Фокус, а финансиски поддржани од Институтот за човекови права „Лудвиг Болцман‘‘ од Скопје, Општина Чашка и Министертсвото за труд и социјална политика во Општина Чашка го отворија Дневниот центар за лица со инвалидност „Детилина‘‘.
Ова е прв ваков Дневен центар што е сместен во рурална средина во Македонија. Лоциран е веднаш до основното училиштето „Тодор Јанев‘‘, а е распостранет на стотина квадрати. Во него секојдневно по неколку часа ќе бидат згрижени петнаесетина лица со посебни потреби. Со нив ќе работат четворица дефектолози, а услугите од стручниот кадар на Центарот во домашни услови ќе можат да ги користат и останатите околу 150-тина лица со инвалидност во реонот на Општина Чашка.
Планираме во иднина да формираме и тим кој ќе ги посетува во домашни услови и останатите лица со посебни потреби од оваа општина и тоа во селата Богомила, Теово и Оморани, Мелница и се надеваме дека со тоа целосно ќе го развиеме Дневниот центар, потенцира Далиборка Златева претседател на Здружението на лица заболени од церебрална парализа.
Таа додаде дека она што сакаат да го постигнат е интеграција на овие лица во сите сегменти на општетственото живеење. - Со Дневниот центрар, целта не ни е овие лица тука само да доаѓаат, туку и меѓусебе да се дружат, а со бројните активности целосно да ги интегрираме во општеството.
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Пановски потенцира дека Дневниот центар за овие лица со посебни потреби треба да биде пример и за останатите рурални средини но и градовите во земјата. Лицата со инвалидност од каков било вид заслужуваат да имаат еднаков третман, исти права и можности за животот во нашата заедница и затоа треба да добијат квалитетни услови кои ќе им овозможат поддршка за вклучување во општеството.
Тој најави дека во иднина Дневниот центар ќе се прошири, а средства ќе се обезбедат од општинскиот буџет. Истовремено на плоштадот во Чашка се одржа хуманитарен настан. Повеќе граѓански здруженија продаваа храна и декоративни предмети а собраните средства беа наменети за работа на Центарот.
Tweet |