Петар Печков
Објавено: сабота, 07 април 2018
Во златраско саатчискиот дуќан на Зогрофски, во центарот на Велес, денес имаше редици од родители и деца, најчесто бебиња кои чекаа за да им бидат дупнати ушните кесички за обетки. Така е секој Благовец, оти според народното верување, ова се прави токму на овој ден.
За самиот чин и верување раскажува Сабина Зографска, снаа кај семејството Зографски, за постариот син Марјан, во чиј дуќан се изведуваше овој чин.
Како и секоја година, така и денес, на 7-ми април Благовец, многу мајки, родители ги донесоа нивните деца за да им ги бушиме ушните кесички. Се верува дека денес на празникто Благовец не се чувствува болка, раната не боли, така се раскажува. Според одзивот традицијата продолжува, иако преку цела година родители доаѓаат секојдневно со нивните најмлади - рече Сабина.
На прашањето дали беа исклучиво девојчиња, кажа дека имало и неколку машки деца, нив им било пробушена едната ушна кесичка. Сопругот Марјан кој имаше полни раце работа, додаде дека во нивниот златарско - саатчиски дуќан ова се работело цели четири децении. Меѓу бројните родители вво дуќанот беше и Ирина Зарзева, која ја носеше неколкумесечната ќерка Ана.
Таква е традицијата, ја донесов кога беше мала поголемата ќерка, сега и помалата. Не гледам ништо лошо во ова, иако верувањето не ми е познато - рече Ирина.
Tweet |