речник контакт

Дијабетичарите до Народниот правобранител поднесоа претставка, зошто девет месеци Министерството за здравство ги остави без глукомери и ленти

Дијабетичарите велат дека во овој период од девет месеци, им е повредено правото за здравствена заштита гарантирано со Устав

Петар Печков

Дијабетичарите поднесоа претставка за работа на Министерството за здравство, откако  на нивното поставено прашање, зошто девет месеци немаат глукомери, ленти за мерење на шеќерот во крвта, тие не добиел одговор во законскиот рок. Сојузот на здруженија на дијабетичари (СЗД)  претставката ја доставил до Народниот правобранител Насер Зибери.

„Поставивме прашање до Министерството зошто уште ги нема глукомерите, лентите, што ќе се случува со нив, зошто се пробиваат роковите, оти требаше да ги има и со новиот  тендер. И што со нас лицата со дијабетес, кои девет месеци купуваме, набавуваме приватно а ТИП 1, чии трошоци се големи. Одговор треба да даде Министерството за здравство, согласно Законот за здравствена заштита а одговор нема. Затоа бараме помош од Државниот правобранител. Ако беше во надлежност на Фондот за здравство ќе разговаравме за рефундирање на парите, но тие не се надлежни“ - кажа Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженијата на дијабетичари.    

Дијабетичарите велат дека во овој период од девет месеци, им е повредено правото за здравствена заштита гарантирано со Устав. Нема ниту системи за континуирано мерење на гликемија за деца и млади до 18 години. Немањето на овие средства влијае на и онака нарушеното здравје на пациентите. Кон крајот на август почнало да се дели глукомери и ленти, кои подоцна се дознало дека се некоја постара донација.

„Ова е проблем на 44 илјади државјани од земјава. Поделбата  на лентите не изненади и на наше прашање од Министерството објавија дека е донација. И ако е донација, зошто толку време ја чуваа. Но друго нешто не боли. За нашиот проблем ниту една друга институција не реагираше, молчат, немаат интерес. Ние реагираме, дури можеби и премногу гласно во однос на проблемите на другите пациенти. Нас нема ништо да ни значи мако по три години, како сега со онкологија, се бара вистината. На крајот до годината ќе поставиме прашање, колку ампутации има  поради нередовно мерење на гликемија, колку инфаркти има поради високи гликемии, колку мозочни удари има поради нарушена концентрација на шеќер, колку ретинопатии се развиени поради немање ленти“ - додаде Велев.  

Од СЗД на почетокот на август најавија дека ќе поднесат претставка, по што Министерот за здравство Фатмир Меџити реагираше дека не е потребен таков чекор па ги прими пациентите и им вети дека до крајот на август ќе ги добијат глукомерите и лентите. 

фото Здружение на дијабетичари Лилипоп

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »