речник контакт

Документарецот „Мојата голема желба“ на Александар Арсовски најдобар на фестивалот на непрофесионален филм во Македонија

Арсовски во конкуренција на 13 филмови освои Гран при, награда за режија и сценарио. Го следи животот на Славица Димовска, лице со инвалидитет, која живее во Чашкa

Петар Печков

Вториот документарен филм на младиот Александар Арсовски, жител на населба Чашка ги освои престижните награди на  Фестивалот на непрофесионален филм во Македонија, кој минатиот викенд се одржа во Струга.  „Мојата голема желба“ на фестивалот ги освои наградите: Гранд при, најдобра режија и најдобро сценарио, а со самото тоа е и селектиран за овогодинешниот интернационален фестивал на непрофесионален филм УНИКА кој ќе се одржи во Прага, Чешка.

Овој филм го подготвив пред неколку месеци и со него го полагав испитот по документарен филм. Ова е втор краток документарен филм кој го имам направено за време на моите студии  –вели Александар, кој живее во Чашка. Тој е студент по филмска режија на филмската академија при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Филмот е еден вид на документарна опсервација и ја следи приказната на Славица Димовска, лице со инвалидитет, која живее во Чашка.  Гледачите  можат во 13 минути да видат  како  поминува еден ден на Славица, поточно, што таа работи, кои и се дневните обврски, а во позадина преку нејзиното раскажување дознаваме за нејзиниот живот од детството па се до денес. 

На први јуни во Струга се одржа 47-то  издание на „Државниот фестивал на непрофесионален филм“ во организација на Кино сојузот на Македонија.  На фестивалот пристигнати биле  52 филмови од 42 автори од кои 11 се самостојни автори и 9 клубови, во официјална конкуренција примени се  13 филмови поделени во неколку категории: краток игран, документарен, едноминутен, анимиран и експериментален филм. Жири комисијата беше составена од Сашо Павловски, Илинденка Петрушева и Дукаѓин Борова. 

„Филмот е испратен и на фестивал во Словачка, поточно на фестивалот „ The Golden Beggar “ каде што е во потесна конкуренција и се бори за награда, а резулатите ќе ги дознаеме за неколку денови.“ –додаде Александар. 

Како дел од екипата освен Славица е и Кристијан Јорданов, а музиката е на Зоран Тевдовски и Анастазија Голчева. 

Овој филм е потсетник за тоа дека ништо во животот не е совршено и дека за да опстоиме ние мораме да се бориме до крај за подобро утро па марак и да нема никој до нас, доволно е сами да се утешиме и да си кажеме: „јас можам“-заврши Арсовски.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »