речник контакт

До кога девојките, жените ќе бидат жртвите на насилството

Наместо да креираме заедници и средини во кои секоја жена ќе биде безбедна и слободна, гледаме како без соодветната системска грижа и интерес за животите и благосостојбата на девојките и жените, мизогинијата (женомрзие) и насилството извираат од секоја пора на нашето општество“, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

Петар Печков

„Дечкото ја претепал и пукал во неа“ „Уапсена банда млади велешани кои сексуално злоставувале дете од 14 години“ „19-годишна кичевчанка пријавила скопски таксист дека ја допирал по телото додека ја превезувал“.Кавадарчанец ја претепал поранешната девојка и нејзината 6 годишна ќерка“ „Скопјанец осомничен дека тешко повредил жена и ја држел заклучена“...

„Ова се само дел од насловите во македонските медиуми поврзани со различни форми на родово базирано насилство кои периодов ги читаме за добро утро. Наместо да креираме заедници и средини во кои секоја жена ќе биде безбедна и слободна, гледаме како без соодветната системска грижа и интерес за животите и благосостојбата на девојките и жените, мизогинијата и насилството извираат од секоја пора на нашето општество“, се вели во соопштението на Платформата за родова еднаквост.

„Како Платформа за родова еднаквост, но и како активистки, феминистки и граѓанки, згрозени сме од апатичниот и декларативниот начин на кој се третира родово базираното насилство од страна на институциите, кои не само што не се способни да работат на превенција на родово базираното насилство, туку и целосно потфрлаат во полето на заштита, што води до најекстремниот облик на насилство против жените – фемицидот.

Загрижени сме дека обвинувањето на жртвите (наративот „сама си го барала”), кое е вкоренето во омразата кон жените како вредност, станува сè позастапен одговор на насилство. Загрижени сме дека родово базираното насилство, наместо да се искоренува, дополнително се нормализира и прелева во сите сфери на нашето постоење (и во физичкиот и дигиталниот простор). Загрижени сме дека сексизмот се пренесува како општествена норма на новите генерации, кои во недостаток на системска поддршка, сеопфатно сексуално образование и соодветен морален и етички компас, не само што (ќе) ја перпептуираат оваа култура на насилство, туку (ќе) ја перпетуираат во сè поекстремни форми“, се вели во соопштението.

Локално, регионално и глобално, сè почесто се застапени случаи на насилство кои започнуваат на интернет, а завршуваат со уцени, силување и други форми на насилство, во физичкиот простор.

„Девојчињата и младите девојки се особено изложени, како случајот со 14-годишната жртва, која под закани и уцени, била континуирано силувана на повеќе локации во Велес, од страна на повеќе машки лица кои во моментов се притвор. Додека институционалната разрешница, односно правда за жртвата, како и правда за сите жртви на родово базирано насилство е клучна во оваа борба, истовремено мораме фокусот да го ставиме на насилниците, кои женските тела и животи ги третираат како своја сопственост со која се изживуваат. Како да ја спречиме оваа тенденција? Како да постапиме со фактот дека под секоја од овие медиумски објави за родово базирано насилство, нашата јавност едногласно вели „таа самата си е крива”? Како да гледаме на феноменот дека за денес беше најавен протест, организиран од млади мажи, во знак на поддршка на Ендру Тејт, инфлуенсер кој отворено за залага за омраза и насилство против жените, а кој во моментов е во притвор под сомнение за трговија со луѓе и силување? Како да гледаме на феноменот дека, со чест на исклучоци, повеќето момчиња и мажи не се чувствуваат засегнати и не чувствуваат потреба да застанат солидарно во борбата против родово базираното насилство? Каква е таа заедница која одобрува и слави, или замижува пред насилство?

Жртвите сè повеќе пријавуваат насилство, а насилството нималку не се намалува. Тоа покажува дека системот на превенција и заштита не функционира. Истовремено, јавното мислење покажува дека колку се девојките и жените послободни и охрабрени, толку е двојната виктимизација позастапена. За да не бидеш нападната/силувана/убиена, треба да седиш дома, е горе-долу просечниот став по ова прашање. И иако е деградирачки воопшто да се влезе со дискусија со тој наратив, сакаме да посочиме дека бројките и реалноста покажуваат нешто друго. Не само што жената е најмалку безбедна дома, туку не постои ниеден простор во кој жената е безбедна. Во овие услови, едноставно, небезбедно е да постоиш како жена“, се вели во соопштението и се констатира дека „декларативноста со која се третира родово базираното насилство, доведува до тоа да сме имуни на веста за уште една злоупотреба, уште едно силување, уште едно вознемирување, уште еден фемицид“.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »