Петар Печков
Објавено: четврток, 07 ноември 2013
Актерот Драган Спасов Дац е добитникот на годинешната награда „Петре Прличко“ која ја доделуваат општина Велес, здружението на актери „Џинот“ и велешкиот театар. Жирито во состав Васил Зафирчев, Јордан Витанов и Зоран Љутков одлучи признанието, кое се доделува по осми пат, годинава да го добие Спасов со што тој е најмладиот од сите досегашни добитници.
Ако некој актер од помладата генерација се експонирал со така голем број впечатливи актерски остварувања и се наметнал со својата продуховена и свежа игра кај публиката и критиката, тоа сигурно е Дац. Тој со изразена моќ на силна уметничка трансформација ја прави неговата игра полна со нијанси, суптилна, трогателна, нежна и лирична, секогаш духовите и свежа. Драган Спасов зрачи до сцената со своите физички и психолошки нијанси, создава современа и модерна актерска игра – рече актерот Васил Зафирчев во образоложението на жирито за наградата.
Таа на Спасов ќе му биде врачена во сабота вечер во велешкиот театар, кој во негова чест ќе ја одигра претставата ,,Ноќите во бел сатен,,
Драган Спасов Дац дипломира на ФДУ во класата на проф. Слободан Унковски. Од 1992 година работи како актер во Драмски Театар Скопје.До сега има остварено бројни и значајни улоги во театарски претстави, филмски и телевизиски проекти, како што се Грев или шприцер, Амадеус, Ало будење, Дон Жуарн, Платонов, Свадбата на Фигаро.
Актерската награда ,,Петре Прличко,, досега ја добија Благоја Спирковски Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски. Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски и Петар Темелковски.
Tweet |