речник контакт

Една година затвор за момчето од Сарамзалино, кој во Свети Николе ја натепа бремената партнерка

Роберто Анѓелов прогласен за виновен во Основен суд Свети Николе за две кривични дела

Петар Печков

Дваесет и едно годишниот жител на село Сарамзалино Роберто Анѓелов  од Општина Лозово, доби една година затвор за семејно насилство над 34 годишната партнерка. Тој е прогласен за виновен во Основен суд Свети Николе за две кривични дела.

„Постапувајќи по обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Свети Николе, Основен суд Свети Николе донесе неправосилна пресуда  со која Р.А. е прогласен за виновен за едно кривично дело „телесна повреда“ и  за „противправно лишување од слобода“ и е осуден на единствена затворска казна една година затвор“ – информираа од Основен суд Свети Николе.

Според обвинението Анѓелов  на 19 и 20 февруари годинава, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка,  физички ја нападнал 34-годишна партнерка и и ги зел мобилниот телефон и клучевите од возилото.

Обвинетиот ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, па започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа. 

Анѓелов се наоѓа во притвор, истиот му е продолжен се до правосилноста, но не подолго од 60 дена.

Минатата година ОЈО Велес до Основен суд Велес биле доставени 37 обвиненија, донесени се осум одлуки со кои на обвинетите им е изречена казна затвор, 21 одлука со која се изречена алтернативна мерка - условна осуда, две решенија со кои на обвинетите им се изречена  мерки на безбедност - задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, додека за другите поднесени обвиненија  судската постапка е префрлена за оваа година. 

АНКЕТА »

Дали на Велес му се потребни камерите за „безбеден град“?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »