речник контакт

Езерото Лисиче се наполни

На географските карти на Македонија надлежните ќе треба да го вцртаат новото вештачко езеро ,,Лисиче“ лоцирано во пазувите на планината Јакупица.

Петар Печков

На географските карти на Македонија надлежните ќе треба да го  вцртаат новото вештачко езеро ,,Лисиче“ лоцирано во пазувите на планината Јакупица. Со водена површина која се формира пред три месеци, тоа зафаќа еден  квадратен километар и со  25 милиони кубни метри вода, се вбројува во средно големите акумулации во земјава. Него го полнат две реки Тополка и Врановска. Со полнењето на езерото завршуваат маките на велешани за вода за пиење, бидејќи тоа основно ќе служи за водоснабдување на  60-тина илјади луѓе, од општина Велес и Чашка.

- Овој систем претставува многу повеќе отколку водоснабдување на градот. Велес со формирањето на езерото го реши проблемот со квалитетна вода за пиење за наредните 25 години. Но се дава можност  да се спои езерото Лисиче со велешко езеро Младост, како и за наводнување  на 4,6 илјади хектари плодна површина  во регионот на двете сосоедни општини – вели Горан Петров градоначалникот на Велес. Создавањето на оваа нова водна површина во срцето на централна Македонија ја промени климата. Сега тука е посвежо а поради езерото веќе се доселени галеби и други водни птици кои досега ги немало во регионот на Азот. При посетата на езерото, мерните инструменти од Командната табла покажуваа температура на воздухот од 30 степени, додека на водата на површината 18 а на дното 6, поради што таа не е за капење. Длабоко е до 60 метри и се наоѓа на 450 метри надморска височина. Вработените во ХС Лисиче се горди и на фактот што среде езерото се наоѓа објект меѓу  највисоките изградени во земјава, висок 70 метри, колку една 25 катница, тоа е Водозафатната кула.

- Од неа може да се црпи топла вода од површината наменета за наводнување, за земјоделските култура да не  добијат топлотен шок и ладна вода од подлабоко за водоснабдување. Има четири нивоа  на различна височина од каде може да се користи водата од езерото – велат вработените во ЈП Лисиче. Една година жителите на Велес пијат вода од езерото Лисиче а нивните потреби од 4 милиони кубни метри вода годишно со оваа акумулација се шесткратно обезбедени. За таа да стигне до велешани изграден е водовод во должина од 20 км. Во изминатите две децении градење на ХС Лисиче во кои влегуваат и 19 придружни објекти потрошени се 65 милиони евра од кои 10 се од самопридонес на граѓаните на општина Велес а исто толку се  кредит од Кралството Шпанија наменети за техничката опрема. За водата да не истекува неискористена останува да се реши иригационата мрежа за наводнување на обработливите површини во општините Чашка и Велес но и изградба на две пречистителни станици на реката Тополка во селата Дреново и Горно Јаболчиште. За тоа на отварањето пред две годни премиерот Груевски вети дека државата ќе одвои 25 милини евра, но досега нема конкретена реализација.

\"\"


\"\"

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »