Петар Печков
Објавено: понеделник, 11 јули 2011
Еколошкото друштво ,,Вила Зора,, од Велес започна со проект за управување со електронскиот отпад кој е вистинска еколошка бомба чувана во домовите на граѓаните. Низ повеќе форми тие ќе го учат населението како правилно да се уништи непотребниот е-смет што се чува во домовите а сопствениците не знаат што да прават со него. Во овој смет влегуваат стари монитори, телевизори, расипани мобилни телефони и полначи, кои се чуваат долги години или се фрлаат несоодветно, заедно со комуналниот смет.
Наша цел е да ги запознаеме граѓаните дека електронскиот отпад не треба да се фрла во обична корпа во смет. Можно е да се однесе во фирма која откупува е-отпад или да се донира кај нас, а ние ќе го рециклираме, што е процес на повторна употреба. Во овој отпад има позитивни елементи и негативни. Така има олово кое е тежок метал и е отровно, опасно по здравјето на луѓето. За илустрација во катодна цевка од телевизор има 4кг олово и затоа наша препорака е да не се фрлаа туку да се рециклираа. Од друга страна има благородни метали кои што со хемиски процес се одделуваат и фирмите кои го откупуваат имаат економска исплатливост и оправданост да го работат тоа – вели Сашка Коцевска од координатор на проектот.
Таа смета дека велешани ќе го препознаат овој проект, кој е важен за да се отстранат од домовите големите количества на е-отпад, бидејќи ЕД Вила Зора претходно со други проекти за селектирање на отпадот, пластични шишиња, хартија, стакло, ја има кренато свеста на сограѓаните. За почеток се оди со едукативна кампања, преку флаери, постери и спотови кои ќе емитуваат по локалните медиуми а потоа со месечни акции кога ќе се собира овој е-отпад и па потоа ќе се предаде на фирма која ќе го преработува.
На овој начин се обезбедува квалитетно собирање на овој отпад, зачувување на животната средина и правилно одлагање. Проект се реализира заедно со уште неколку други граѓански здруженија од Скопје, Штип, Битола, Кратово и Струмица со што е покриен поголем дел од територијата на целата земја, а носител е фондацијата ,,Метаморфозис,, од Скопје. Македонија со ова е дел од Балканска мрежа за управување со електронски отпад и се спроведува и во Хрватска, Бугарија и Србија.
Tweet |