Петар Печков
Објавено: вторник, 17 септември 2013
Врската на жителите од Долни Дуќани со градот е небезбедна и опасна за минување. Тоа е улицата Димко Најдов, на релацијата од Стар мост до вливот на Тополка во Вардар. Патот нема тротоар, нема ниту ограда во поголем дел од неговата должина, отстранети се бетонските столпчиња и металните држачи.
Така меѓу коловозот и железничката пруга е на само еден метар и која минува за Гевгелија, нема ограда, нема ниту тротоар. Жителите од Долни дуќани бараат ваквата состојба да се реши, во интерес на безбедноста на нивните семејства.
Нашата врска со градот е улицата Димко Најдов, која нема ограда од делот до пругата, нема ниту тротоар. Таа е опасна по децата кога одат на училиште, кога излегуваат во град. Постојано во мислите ни е само да нема некоја незгода. Возачите брзо возат и добро е што не се случило досега несреќа, но бараме од надлежните да се постави ограда и изгради тротоар - велат жителите од овој дел на градот, каде живеат повеќе илјади велешани.
Нивната единствена и најкратка врска до градот е токму овој пат, во должина од половина километар, кој е необезбеден. Локалана власт ги разбира граѓаните и нивните стравувања за тоа што тие минуваат пат до дома, кој нема тротоар.
Улицата „Димко Најдов“ е една од специфичните улици во Велес и една од најстарите сообраќајници во градот. Лево од улицата е железничката пруга, а десно голема карпа која при градењето на пругата е минирана за да може да се изгради железничката пруга и магистралниот пат што води за Гевгелија. Во тој период се изградени и скривниците десно од патот. Оваа стара инфраструктура го отежнува проширувањето на патот и изградбата на тротоари на овој дел од улицата. За пешаците кои ја користат оваа делница има скали што ги пренасочуваат да го користат патот над карпата за своја безбедност. Меѓутоа, Општина Велес во целост ја разбира потребата од изнаоѓање решение за решавање на овој инфраструктурен проблем и сериозно размислува за негово надминување во следниот период – изјавија од општина Велес.
Tweet |