Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 јули 2026
Одбележани се 75 години од смртта на Панко Брашнаров, првиот претседавач на заседанието на АСНОМ од 2 август 1944 одржано во манастирот Св. Прохор Пчински. Тој почина на 13 јули 1951 на Голи Оток, Хрватска како политички затвореник на власта, а целиот негов живот го посветил на борбата за социјални права и слобода. За податок кој досега не беше познат, сведочеше син на затворник, велешанец кој бил исто така на Голи Оток. Информацијата досега не беше позната во јавноста, ниту за внуците на Панко. Во повеќе наврати ја раскажувал Дане татко на соговорникот.
„На непознат ден на татко ми му дале задача да учествува во ископувањето на починатите затвореници ос Голи оток. При откопувањето на еден гроб, таму присутен затвореник му кажал – овој ти е земјак, од Велес, Панко Брашнаров. Гробовите биле плитки, бидејќи немало земја на островот, па починатите биле покривани со камења. Човечките остатоци ги ставиле во лимен сандак, и тоа по шестмина во еден, се штедело и во заеднички сандак биле транспортирани до брото. Затворениците мислеле дека починатите ги фрлаат во море. Бродот по нив доаѓал на одреден временски период, кога ќе се пополнела локацијата на островот место за погребување, ги откопувале и носеле, на за нив непознато место. Во спалните имало дрвени кревети на четири ката, се зборувало меѓу затворениците дека Панко, кој бил немоќен од ќотекот, паднал од најгорниот. Татко ми кажуваше и дека при доаѓањето на островот биле тепани со раце и нозе во шпалир од другите затвореници. Исто било и ако направил некој некоја грешка. Казната била и да се носат камења на носила, ако е потешка казната, рачките биле пократки, ако е полесна казната имало подолги рачки“ – кажа Крсто Гочев кој е на 79 годишна возраст, син на Дане, кој му ги раскажал овие моменти.
Зборува дека кога татко му го гледал филмот „Црно семе“ по еден месец бил растревожен. На Голи оток бил 18 месеци од 1951 до 1953 година. Учествувл во НОБ како партизан, потоа воено лице. По враќањето од Голи Оток се повлекол од јавниот живот. Живеел до 1981 година. Желбата на синот Крсто да ги види документите зошто татко му бил испратен на Голи Оток, пријател му препорачал да не ги чита и подобро е да не го види досието.
Од Велес на Голи Оток биле казнети заради политички мотиви од Македонија повеќе од 900 лица, 76 биле од Велес . Меѓу нив и првиот градоначалник на Велес во мандатот 1944/46. Дончо Мирчев бил градоначалник и во периодот 1920/21 кога Велес бил Црвена комуна, добила градоначалник комунист. Тој бил близок соработник на Брашнаров. На Голи Оток бил и Бане Аднреев Ронката, близок пријател на Кочо Рацин. Локацијата на вечното почивалиште на Брашнаров беше откриена 2011 година, на загребските гробишта Мирогој. Неколку години подоцна Општина Велес на местото постави спомен плоча.
Податокот за откопувањето на посмртните останки на Брашнаров и преносот од Голи Оток не беше познат за неговите внуци. Тие за ова прв пат слушнаа на оддавањето на почит, пред неговиот споменик во Велес. Правнуката Елена Панова претходно има кажано каков скромен човек бил дедото Панко.
„Тој ги заборавил личните задоволства и семејната среќа, пред желбата за слобода и човечко достоинство. Повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. Татко ми раскажуваше дека сите џебови на Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа било така за да не држи пари со себе, сите што ги имал ги давал. Потоа не сакал да се ожени, оти не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите кои ги имал“, раскажа Панова.
Двегодишна „општествено полезна работа“ на која бил испратен Панко на островот Голи Оток кратко траела, по неколку дена од пристигнувањето во мизерни услови, болен умира.
Во корелација со изјавата дека Брашнаров бил погребан во заеднички ковчег е и одговорот на директорката на загребачките гробишта Мирогој, дали Брашнаров може да се ексхумира, откако се дозна дека тој таму почива.
Ова прашање во 2020 година тогашниот претседател на Советот на Општина Велес, Ненад Коциќ го испратил на раководството на гробиштата.
Во писменото известување на „Загребачки холдинг“ подружница Градски гробишта е напишано дека „за жал не сме во можност да извршиме пренос на посмртните остатоци на Брашнаров, бидејќи се во заедничка гробница, заедно со голем број погребани, поради што е невозможно да се идентификуваат“.
Панко Брашнаров (9 август 1883 – 13 јули 1951, Велес), кај велешани познат како „Народниот учител“, бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. При апсењето на Брашнаров во 1928, петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц, Регина Рубен.
| Tweet |






