Петар Печков
Објавено: понеделник, 11 ноември 2019
Во Основен суд Велес започна повторното судење на тројцата доктори, Томчо Ванчев - анестезиолог, Венци Чалков и Дончо Москов гинеколози, кои се обвинети за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе.
Породувањето на Кадиева, од Дојран кое заврши со смртен исход и по неа и нејзиното бебе, се случи на 22 октомври 2015 година во ЈЗУ Општа Болница Гевгелија.
Докторите се товарат за кривичното дело ,,тешки дела против здравјето на луѓето,,. Со првостепената претходна изречена пресуда од судијката Габриела Гајдова, Ванчев беше осуден на четири години затвор, додека Чалков и Москов беа ослободени од вина. Апелација Скопје го врати на повторно судење, откако ја прифати жалбата на одбраната на Ванчев и жалбата на обвинителството за изречените ослободителни пресуди.
Според напатствијата на Апелација, во новото судење треба да се утврди улогата на гинекологот кој е лидер на докторскиот тим, критичната вечер и можноста тој да ја спречи штетната последица - смрт на родилката, дали докторите кои учествувале во породувањето постапувале согласно медицинските протоколи и востановената медицинска пракса, дали е нарушена кохезијата на лекарскиот тим.
Прв беше сослушан педијатарот Ицо Дојранлиев од Гевгелија, кој како приватен доктор имал склучено договор со ЈЗУ Општа Болница Гевгелија за да дава помош при породувањата.
Бев повикуван кога имаше договорен царски рез, два -три часа претходно а при природното породување, доколку има потреба од мене, ме викаа при породувањето. За случајот со Маја Кадиева ме викнаа во 21,50 ч. кога веќе породувањето беше започнато - кажа др. Дојранлиев. Повеќето медицински персонал, кој бил присутен вечерта на договореното породување со царски рез сведочеа дека тие, кога биле дежурни не знаеле дека има оперативен зафат, туку биле дома на повик и чекале да бидат телефонски побарани, непосредно пред царскиот рез. Така било и во случајот со Кадиева. Сведочеше и сопругот на Маја Кадиева, Димитрие. Тој рече дека за породувањето дознале, откако критичниот ден биле кај матичниот гинеколог.
Утрото на 22 отидовме кај матичниот гинеколог на контрола. Некој ја побара Маја на мобилен, ми кажа дека е од гинекологија и се качивме горе. Доктор Чалков ни соопшти дека вечерта во 19 ч. ќе се врши ц арки рез, бидејќи следниот ден е голем празник, и доколку има потреба од помош, ќе нема доктори. Јас заминав во Дојран да ги земам потребните нешта а Маја остана на одделение. Таа сакаше да се породи со царски рез породи траумите при првото породување. Велеше ,, не ми е страв за мене, туку за бебето,,. Матичниот доктор сметаше дека се уште не е време за породување, оти не е терминот - рече Кадиев во својство на сведок.
Тројцата доктори и понатаму тврдат дека тие не се виновни за смртта на Маја Кадиева и нејзиното бебе. Обвинителството со став дека со несовесното однесување на тројцата доктори, тие придонеле за смртта на Кадиева и бебето. Судењето продолжува во средината на декември, со сослушување на вештите лица.
Tweet |