Петар Печков
Објавено: четврток, 15 декември 2022
Како итна точка на дневен ред на 27 седница на Советот на Општина Велес, беше поставена точката за начин на давање под закуп на електронска опрема од велешкото кино. Таа подоцна беше и едногласно усвоена со 20 гласа.
Со ова се отвора можност по пат на јавно наддавање, да се изнајми дигиталната опрема која пред две и пол години локална власт ја набави и го опреми просторот од салaта Бели мугри, за да може да се прикажуваат и одржуваат кино проекции. Со одлуката се предвидува да се отстапи и дел од објектот, со користење на салата, исто така по пат на јавно наддавање. И опремата и салата се сопственост на Општина Велес.
Неодамна градоначалникот Марко Колев најави дека конечно е најден заинтересиран кино оператор, кој сака да работи со велешкото кино. Како рок за завршување на постапките градоначалникот го посочи крајот на јануари, за кога најави отворање на киното за прикажување на филмови.
Кога пред две години таа беше опремена и реновирана локалната власт потроши 76 илјади евра од општинскиот Буџет.
Tweet |