Петар Печков
Објавено: петок, 09 октомври 2020
Од денес, петок, започнува со работа Меѓународна Скулпторска колонија „Велес 2020”, годинава втора по ред. На неа учествуваат седум автори, шест од Македонија и еден од Бугарија.
Тие ќе творат две седмици, до 22-ри октомври, но во домашни услови. Уметничките дела кои ќе произлезат од креативните раце на учесниците, ќе бидат откриени за време на одбележувањето на 9-ти Ноември, Денот на ослободување на Велес.
Поради актуелната пандемија со ковид-19, заради заштита авторите ќе творат во домашни услови, во нивните ателјеа. Скулптурите потоа ќе бидат донесени и поставени на локации, кои заеднички ќе ги одредиме. Главната идеја и порака е иста како и минатогодишната, заштитата на животната средина. Авторите отпадниот материјал ќе го набават од нивниот најблизок склад, отпад а потоа таа вредност ќе им биде надоместена од организаторот Општина Велес- кажа координаторот на колонијата, Илко Стојановски, академски скулптор.
Скулптурите ќе бидат изработени од отпадно железо и мермер. Тие се доказ дека отпадот може да биде искористен на најдобар можен начин – да се реупотреби и намени, со што ќе биде претворен во уметничко дело и ќе го претставува новиот естетски лик на градот -изјави градоначалникот Коцевски.
За потребите на Скулпторската колонија, Општина Велес обезбеди 400 илјади денари од општинскиот буџет, а поддршка од 200 илјади денари даде Министерството за култура.
Tweet |