Петар Печков
Објавено: петок, 23 август 2013
Дваесет и седум автори од седум држави започнаа да творат на 9-тата по ред Сликарско- кошничарска колонија Папрадишки мајстори, кој се одржува во Велес. Уметниците се сместени во куќите на уметноста, сликарите во куќата на Касапови а копаничарите, резбарите и скулпторите во куќата на Џинот. Тие десетина дена, инспирирани од единствениот поглед на стариот дела на градот, реката Вардар, црквите Св. Спас и Св. Пантелејмон ќе можат да работат на нивни нови уметнички дела. Колонијата од годинава според раководителите е комплетна, оти освен сликари и копаничари вклучени се и скулптори и графичари.
Се трудиме да го збогатиме авторскиот дел кој доаѓа и работи на колонијата. Имаме за прв пат графичари, дрворез и скулптори. Сакаме да ги имаме комплетно сите техники. Бидејќи куќите каде работат авторите се отворени за посетители, гостите можат да видат што се работи изворно и така да го зголемиме интересот на велешани за оваа уметност – рече Ангел Коруноски раководител на сликарскиот дел од колонијата.
Шеснаесет автори се во сликарскиот и единаесет во копаничарскиот дел. Доаѓаат од Србија, Бугарија, Русија, Хрватска и Македонија. Сите нивни дела ќе бидат претставени на изложба за Денот на општината 9-ти Ноември.
Годинава имаме најмногу автори во копанчарскиот и резбарскиот дел. Нема тема на која авторите ќе работат, се е отворено според нивните инспирации – изјави Љубомир Бисинов раководител на овој дел од колонијата.
Годинава за прв пат авторите добиваат материјал, оревина за работа, две парчиња А3 и А4 формат. Освен што гостите ќе работат во куќите на уметноста, тие имаа организирано и посети на селото Папрадиште од каде доаѓаат бројни македонски уметници зографи и градители, како и посета на винаријата Тристо.
Tweet |