речник контакт

Започнува масовен отстрел на дивата свиња, превентивно како мерка за спречување на болеста свинска чума а во шумите има забрана за движење

Директорот на агенцијата за храна Зоран Атанасов тврди дека масовниот отстрел нема да влијае врз опстанокот на дивата свиња, која ја имало премногу во Македонија

Петар Печков

Агенцијата за храна донела решение за предвремен почеток на сезоната на отстрел на диви свињи, со цел спречување на болеста африканска свинска чума. Од друга страна Министерството за земјоделие и шумарство на 8-ми август донесе  забрана за движење низ шумите , што ги оневозможува ловците да започнат со масовниот отстрел на дивата свиња. 

Прашањето за забраната за движење низ шума е за Министерството за земјоделие. Веќе разговаравме со нивните претставници и ловците би требало да добиваат посебни дозволи. Бидејќи сега имаме тропски температури, нека мине овој жежок бран и тогаш на контролиран број ловци,  ЈП Македонски шуми би требало да дава дозволи- изјави Зоран Атанасов директор на Агенцијата за храна, кој во Велес имаше средба со македонските ловци.   

Прашан дали масовниот отстрел на дивата свиња ќе влијае на овој животински вид и еко-сферата, Атанасов негираше.

Целта на овој отстрел е да са намали популацијата на диви свињи, која според сегашната проценка е три пати повеќе од  колку што треба да ја има во земјава, во ловиштата. Не зборуваме за минимум, кој е 0,3 свињи на км2, туку да се намали можноста да се пренесе болеста африканска свинска чума, преку дивите свињи- одговори Атанасов. 

Тој упати апел до сопствениците кои одгледуваат свињи во домашни услови, во кочини, дека најдобро во овој период е да ги заколат во кланица и да го сочуваат месото во своите фрижидери, за сопствени потреби. Директорот Атанасов кажа дека од вчера официјално болеста е присутна во соседна Србија, по што Агенцијата за храна издала забрана за увоз и транзит на живи животни од Република Србија, како и забрана на увоз на производи од свинско месо од оваа држава.  Тврди дека не е можно во овој меѓу период во Македонија да влегло заразено свинско месо и дека потрошувачите можат да бидат спокојни.

Забраната е на снага, но претходно  имавме решение сите пратки со свинско месо  да се контролираат на граница и да се земаат примероци  и дури не се добијат резултатите не можеше да се внесе и пушти во промет. Мерки  преземавме пред да се објави веста за забраната. Што се однесува до дивите свињи кои ќе бидат застрелани со предвремениот отстрел, со секоја група ловци ќе има и инспектор. Ќе се врши контрола, ако месото е со негативен резултат може да се користи, ако е со позитивни ќе се уништува - додаде Атанасов. 

Претседателот на Ловечка федерација на Македонија Влатко Алексовски, побара државата финансиски да ги помогне во овој предвремен масовен отстрел, бидејќи редовниот започнува на 1-ви октомври.

Ловечките концесионери  се во лоша финансиска кондиција. Со спроведување на овие мерки ќе бидат изложени на дополнителни финансиски  трошоци. Затоа од државата бараме некоја финансиска стимулација, да се покријат дел од трошоците при реализацијата. Имаме ВИП ловишта со голем број на дивеч пред се диви свињи, кои ќе треба да бидат обесштетени - рече Алексовски.     

Информацијата за предвремен масовен отстрел на дивата свиња во земјава, предизвика интерес на бројните ловци гости до странство, во објектот каде се одржа состанокот. Ловџии од Грција, Италија и Шпанија се интересираа дали и тие можат да учествуваат во него. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »