Петар Печков
Објавено: петок, 22 септември 2017
Според Законот за локалната самоуправа, никаде не е наведено дека ,,општините имаат надлежност за мигрантите и за нивното населување во локалната самоуправа,,. Поради ова Државниот инспекторат за локална самоуправа донел одлука да ги запре решенијата за организирање референдуми во општините, меѓу кои и Велес, за мигрантите на 15 октомври, денот за кога се закажани и локалните избори. Решенијата се стопирани до произнесување на Уставниот суд, пред кој ќе биде доставена иницијатива за оценување на законитоста.
Како што информира државниот инспектор за локална самоуправа, Рахим Муслиу, решение досега е донесено за 12 општини кои доставиле до Инспекторатот извештај од јавното општинско гласило во кој е објавен референдум, а се очекува да бидат доставени уште две од општините Карпош и Ѓорче Петров.
На 20 септември Инспекторатот изврши вонреден инспекциски надзор во општините Кочани и Штип, а на 21 септември во Гевгелија, Кавадарци, Неготино и во Велес. Уште шест општини донеле одлука за референдум на локално ниво и го известиле Инспекторатот за објавување. Тоа се Битола, Прилеп, Радовиш, Аеродром, Гази Баба и Охрид, а се очекува вакви известувања да достават и општините Карпош и Ѓорче Петров – рече Муслиу.
Одлуката ќе биде доставена до Министерството за локална самоуправа, државниот секретар за локална самоуправа и до градоначалниците и советите на 12 засегнати општини, а градоначалниците ќе имаат обврска да ги известат и општинските изборни комисии. Одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“, а во наредните три дена и на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа.
Ваков референдум изгласа и Советот на општина Велес каде беше предложен од советникот Александар Колев а поддржан од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Коалиција на СДСМ беше воздржана.
Tweet |