Петар Печков
Објавено: петок, 06 ноември 2026
Ревизијата на работењето и состојбите во ЈП Македонски железници инфраструктура констатирала застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничка инфраструктура. На дел од главните коридори Скопје- Гевгелија, Велес – Бигола, Скопје- Бељаковце се вози со намалени брзини поради бројни дефекти, застарени системи и опожарени прагови, а на одредени делници сообраќајот е целосно запрен Велес – Кочани и Скопје - Кичево. Повеќе од 40 години нема значајни инвестиции, што ја загрозува безбедноста, капацитетот на железничкиот сообраќај и начинот на вршење на дејноста, констатирале од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Податоците кои тие ги обработувале се за 2024 година.
На поголемиот дел од пругата Скопје – Гевгелија последните ремонти извршени се пред повеќе од 35 години, во кои не се опфатени главните и споредните колосеци во железничките станици. Според европските стандарди за одржување, редовен ремонт со промена на шини и прагови се извршува на најмалку 25 години.
Системите за сигнализација вградени се пред повеќе од 40 години и нивното редовното функционирање се доведува во опасност поради застарена технологија, непостоење на резервни делови. На оваа пруга мостовите се изградени пред повеќе од 80 години, а последните испитувања со пробно товарење за нивната безбедност извршени се во осумдесеттите години на минатиот век, со дополнителни испитувања на одредени мостови подолги од 70 m извршени се во текот на 2008 и 2015 година.
Повеќе од 40 години на пругата Велес – Битола не се направени поголеми градежни зафати и интервенции со цел одржување на проектираната брзина и безбедност на железничкиот сообраќај.
Извршената анализа на ДЗР покажала дека за рехабилитација, изградба и реконструкција на железничката инфраструктура се одобрени заеми од 191,4 милиони евра, од кои 44% сѐ уште не се повлечени. Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства. Најголем дел се однесува на заемот за пругата Бељаковце – Крива Паланка. Во 2024 година, по основ на камати за заемите, ЈП МЖ исплатила 2,85 милиони евра.
Поради недоволна подготвеност при планирање, првично проектирање, градење и реконструкција на делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка чија изградба трае од 1996, ДЗР евидентирала дека вредноста на договорот за првата делница склучен во текот на 2013 година, бележи зголемување за 96% или изнесува приближно 2 милиони евра за 1 км. Рокот за завршување на проектот, поради грешки во проектната документација, конструктивни и статички грешки, несоодветно техничко решение во однос на постоечката состојба на теренот со потреба од дополнителна експропријација, промена на материјали, сигнализација и телекомуникации, пристапни патишта, раскинување на договор и избор на нов изведувач пролонгиран е за 8 години и 3 месеци.
За делницата Бељаковце – Крива Паланка 18 години по запирање на градбата и 8 години по склучувањето на договорот за заем, договор за градба е потпишан во јули 2022 година, во вредност од 155 милиони евра, со пролонгиран рок на завршување до 23.10.2026 година.
Дури 91% од градежните објекти на ЈП МЖ инфраструктура не се евидентирани во катастарот во Агенцијата за недвижности а 88% од останати градежни објекти јавното претпријатие не поседува имотни листови со кои ќе се докаже запишаното право на сопственост.
За финансиското работење ЈП МЖ Инфраструктура, ревизорите констатирале дека континуирано се искажува загуби од работењето, за 2024 година таа изнесува 188, 8 милиони денари, а вкупната загуба 77 милиони евра. За потестување МЖ АД Транспорт имаше вкупна загуба од 109 милиони евра.
Старосната структура на вработените покажува дека со најголем процент се на возраст од 56 до 60 години. Од нив една третина не ги исполнуваат посебните услови по степен или вид на образование. Во претпријатието воспоставена е пракса, недостатокот од кадар да се пополнува преку распоредување на вработените со времени решенија на систематизирани работни места, наместо вработување со јавен оглас или унапредување со интерен оглас.
Основната дејност на ЈП МЖ Инфрасгруктура опфаќа управување, изградба, реконструкција, ремонт, одржување, заштита на железничка инфраструктура, организирање и регулирање на железничкиот сообраќај и раководење со системите за регулирање и безбедност.
ЈП МЖ инфраструктура ги прифатила забелешките со образложение дека дел од состојбите произлегуваат од историски наследени околности, од сложени постапки што зависат од повеќе институции, од специфичниот правен режим на железничката инфраструктура, како и од природата на големите инфраструктурни проекти кои се реализираат во повеќегодишен, институционален и меѓународно финансиран контекст.
| Tweet |




