речник контакт

Затворски казни од 6 и 4 години за обвинетите за грабнување на 21 годишно момче од Неготино

Првообвинетиот Б.М. кој умислил дека момчето му ја силувало сопругата, бил во состојба на битна намалена пресметливост поради трајна душевна болест – хронична психоза, параноја и патолошка љубомора

Петар Печков

Двајцата обвинети за кривичното дело „грабнување“ признале вина и петчлениот кривичен совет при  Основниот суд Кавадарци им изрече затворски казни. Б.М ( 37 год) доби шест години затвор а Ќ.С. (30 год) четири години затвор, ним притворот им е продолжен до правосилноста на пресудата. Таа е првостепена, странките имаат право на жалба до Апелација. Обвинетите жители на селото Копришница, Демир Капија, изразиле каење и жалење за стореното. Информацијата ја потврдија од ОЈО Кавадарци кои веќе и најавија жалба. 

Според псијатриското вештачење  првообвинетиот Б.М. бил во состојба на битна намалена пресметливост поради трајна душевна болест – хронична психоза, параноја и патолошка љубомора. 

Настанот се случи на  12 април годинава, кога Б.М како инспиратор на делото заедно со Ќ.С.  извршиле грабнување на момче на 21 годишна возраст од Неготино, со намера да го присилат да сними изјава со признание дека ја силувал сопругата на првообвинетиот. Соизвршителот при грабнувањето употребил и пиштол, кој го репетирал и со кој му се заканил на оштетениот.

Според обвинението Б.М. и Ќ.С.  го качиле оштетениот во автомобил марка мерцедес од дворот на неговата куќа во Неготино и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, а за цело време му се заканувале по живот и го удирале со боксови. Го фрлиле мобилниот телефон на оштетениот и му ставиле црни ќеси на главата за да не гледа каде го носат. Кога стигнале во шума, го извадиле од возилото и го терале да слуша аудио снимки и да признае дека тој е сниманото лице, но оштетениот за цело време негирал. Поради тоа, двајцата обвинети му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Полицијата ги открила сторителите, бидејќи пред да му го фрлат мобилниот телефон, оштетениот успеал да прати порака за помош во полиција, а и соседите го виделе како насила го внесуваат  во возилото. По ова полицијата ги идентификувала грабнувачите  ги контактирала, а тие дознавајќи дека се откриени, го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино.

АНКЕТА »

Каде го минавте летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »