Петар Печков
Објавено: недела, 24 јануари 2016
„Богомилството во Македонија се појавува во средината на 10 век, а главен проповедник, идеен творец на учењето, е попот Богомил. Се претпоставува дека бил образован свештеник, најпрвин во рамките на официјалната црква и човек кој пројавил извесни реформаторски тенденции во однос на одредени прашања од религиозен и социјален карактер.
Се претпоставува и дека платформата на неговото учење тој ја создал заедно со своите соработници“, потенцира Ангеловска-Панова која објаснува дека станува збор за учење кое не подразбира само теоретска опитност, туку и организација во рамките на црковно-еретичките општини во кои живееле и функционирале богомилите.
Таму се развивала и автентична книжевност, како што е и создавањето на „Тајната книга‘‘. Покрај „Тајната книга“, која е пренесена на Запад и е преведена од словенски оригинал на латински јазик, зачувани се и автентичните дела: „Видението на Исаија“ и „Катарски требник“.
„За жал, најголемиот дел од нивните автентични дела се уништени поради карактерот на содржината, така што информациите за богомилите и воопшто за следбениците на ересите доаѓаат главно од нивните непријатели. Затоа кога се реконструира таа проблематика, треба со резерва да се земат многу искажувања, бидејќи не секогаш се веродостојни и точни.“ Богомилството се појавило во услови на многу специфичен духовен амбиент во Македонија, поврзан со дејноста на Климент Охридски кој во рамките на својот универзитет образувал кадар од 3.500 свештеници.
„Најголем дел од нив ја продолжиле својата активност во рамките на официјалната црква, но имало и такви коишто пројавиле сомневања во некои од нејзините доктрини или догми, што резултирало со поинаков мисловен процес. И самиот Климент Охридски во своите проповеди се користел со апокрифните текстови, кои главно циркулирале меѓу нижото духовенство“, вели историчарката.
„Богомилството било распространето на целата територија на етничка Македонија, а особено јаки упоришта имало во централниот дел и во југозападните делови, каде што се претпоставува дека дејствувал и попот Василиј. Тој бил заробен во Константинопол од страна на Алексиј I Комнин. Му била дадена можност да се конвертира кон православие и да се спаси од клада, но тој одбил“, вели Ангеловска-Панова и објаснува дека потоа поп Василиј бил спален што, всушност, е и првиот податок за спалување на клада на плоштадот во Константинопол.
Се смета дека богомилството на историската сцена опстојувало 5 века, поради фактот што богомилите знаеле да го приспособат начинот на дејствување во согласност со актуелните општествено-политички услови. Најголемиот подем во смисла на развој на богомилските догми, книжевната дејност, како и филозофските импликации е од крајот на 11 и почетокот на 12 век.
Со истата догматска определба и со истиот обреден систем, богомилството опстојува до 15 век. Неговото исчезнување од историската сцена се поврзува со османлиските освојувања во Македонија и на Балканот. „Последните податоци за богомилите се споменуваат во делото на Симеон Солунски ’Против сите ереси’ од 15 век.
Една од претпоставките е дека голем број богомили се конвертирале во ислам како покомпатибилна религиска ориентација која, како впрочем и во случајот со богомилството, се одликува со едноставен обреден систем“, вели Маја Ангеловска-Панова. Богомилите имале многу едноставен организациски живот, едноставен обреден систем. Како што рече историчарката, „се молеле единствено со ’Оче наш’ и биле поделени на три категории: слушатели, верници и совршени.
Совршените постојано се усовршувале, ги апсолвирале богомилските догми, а доколку биле во брачна заедница, морале да ги напуштат семејствата, бидејќи постојано патувале од сигурносни причини и заради дисперзирањето на ереста и мобилизирањето на поголем број приврзаници. Совршените имале и посебен начин на исхрана. Воопшто не јаделе продукти од животинско потекло, бидејќи биле пацифисти, но верувале и во трансмиграција на душите“.
Tweet |