Петар Печков
Објавено: вторник, 09 декември 2014
Пироманите кои беа обвинети за палењето на амбуланта во село Ореше, Ѓоре Петровски и Блаже Ѓурчиновски добија по четири години затвор а треба да ја надоместат штетата предизвикана од пожарот, во висина од 2,4 милиони денари.
Пресудата ја изрече судијката Гајдова, чиј автомобил пред два дена изгоре, под неразјаснети околности. Петровски и Ѓурчиновски беа прогласени за виновни за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Нив во затвор ги испрати сведочењето на Златко Арсовски, екс заштитниот сведок Бреза, кој година дена по настанот, пред обвинителство до детали го опишал делото.
Ми се јави наш заеднички пријател, Борче од Дојран и ме праша дали ќе земам пари, кој треба да му ги дадам на Благојчета. Се најдовме во Велес ми даде 30 илјади, за себе земе 3 илјади и следниот ден кога заминав во Скопје му ги предадов на Блаже. Беа 27 илјади денари, тој мене ми врати 3 илјади денари. Кога го прашав зошто се и од каде, Блаже кажа дека се награда затоа што ја запалил амбулантата и продавницата во село Ореше - рече пред судот во Велес, Арсовски.
Пред неколку дена тој не знаеше кој му ги пратил парите на Ѓурчиновски, но затоа пред обвинител, како сведок, во пишан документ од 16 октомври 2008-та, потпишан од Арсовски, тој кажал дека тоа се пари од Ѓоре Петровски за Блаже Ѓурчиновски, во висина од 800 долари, награда за запалената продавница.
За ова постои и доказ од банката, со точен датум посочен од сведокот дека се префрлени пари од Петровски за Борче Петровски во висина од 800 долари, кој подоцна ги предал парите преку сведокот Златко Арсовски . И двајцата обвините негираа било каква вина, тврдеа дека немаат ништо со делото.
Јас им праќав пари на многумина народ, сите кои ќе побараа помош од мене - рече Петровски.
Тој е обвинет како порачател а Ѓурчиновски како извршител на делото за кое им се судеше. Огнот бил подметнат ноќта помеѓу 31 јануари и 1 февруари 2007-та година а селската продавница и амбуланта изгореа до темел. Ова според обвинението било сторено поради одмазда на Петровски, кон сопственикот на продавницата.
За адвокатот на Петровски, Коста Нојков, на неговиот клиент му се судело за дело, за кое немало никаков документ дека токму затоа е испорачан од САД. За бранителот на Ѓурчиновски, Ѕвонко Јосевски немало ниту еден материјален доказ дека обвинети се сторители на делото. Пресудата не е правосилна, адвокатите најавија жалба.
На последниот главен претрес, по завршните зборови, судијката Гајдова на Петровски му врачи поикана за ново судење, за кривично дело насилство, извршено лани летото во село Ореше. На ова тој бурно реагираше, бараше судијката Гајдова и обвинителката Темелковски да престанат да го гонат и малтретираат, бидејќи тој бил невин, ништо немал сторено а сите биле со завера против него.
Tweet |