Петар Печков
Објавено: петок, 06 март 2026
Првата од трите активности за ревитализација на езерото Младост крај Велес заврши, три месеци се чистеше брегот. Комисијата за следење на состојбата на езерото, во која влегуваат владини, општински претставници, стручни лица, екологисти, резимирајќи ја нивната работа од јули 2025 до јануари 2026 година, се побараа три активности кои треба да се преземат и реализираат од страна на локалната власт а се однесуваат на подобрување на состојбата со водата од езеро Младост.
„Постои проблем со т.н. мал колектор, кој е на левата страна од патот Велес – брана езеро Младост, поставен пред еко-кампот, хотел Глориус. Тој дел не е предаден на ЈКП Дервен за одржување. Комисијата за утврдување на техничката исправност на системите кои не се во владение на локалната власт, да изврши теренски увид и по воведување во исправна состојба, да биде предаден на одржување. Второто барање е дел од постојниот колекторски систем помеѓу двата мотели Бела вода и Романтик кој е на пониско ниво од нивото на езерото, поради што доаѓа до поплавување на шахта и мешање на водите, да се санира. Или таму водата од езерото комуницира со отпадната вода од колекторскиот систем која има фекалии. Трета работа е да се продолжи со чистење на коритото на Отовичка река“ – кажа Антоанета Стојанова претседател на Комисијата.
Таа посебно потенцираше т.н. мал колектор да биде предаден на ЈКП Дервен во исправна состојба оти според вработените во ЈКП Дервен во 2021 година, постојниот колекторски систем со отпадни води од населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица, сателитска населба им бил предаден во владение неисправен.
„При предавањето во 2021 година во записник е констатирано дека колекторот е во неисправна состојба. Дали тие што тогаш ова го сториле размислувале за далекусежноста на последиците“ – рече Весна Атанасовска советник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се исчисти дел од Отовичка река во должина од 460м од вкупно 2,2 км. Средствата од 4 милиони денари кои беа предложени за продолжување на чистењето годинава се пренаменија за други активности. Потребно е итно да се обезбедат средства за да продолжат активностите. Зимава по подолго време водата од реката протече до езерото“ – кажа Јованче Манасков советник од СДСМ.
И понатаму не е извршено испитување на присуство на цијано токсини во водата, нешто што една година го бара Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Евидентирано е присуство на цијано бактерии, но не е познато дали излачуваат цијанотоксини. Има 60 илјади цијано бактерии од нив 200 се бактерии кои го лачат цијанотоксин. Од пред извесно време за нивно присуство се врши испитување во Институтот за јавно здравје на Србија „Батут“ во Белград. Пребарувањето на ценовникот покажа дека цената за тоа што е потребно да се анализира од водата во велешко езеро, дали има цијанотоксини, четири услуги, чинат околу 13 илјади српски динари, или 110 евра.
Дел од трската во крајбрежјето се остави за биолошките процеси во езерото, за мрестење на рибата кое започнува во мај , кога настапува и забраната за риболов.
„Изворот на загадување на езерото не е еден, мораме да работиме на санација на повеќе локации за да дојдеме до задоволителни резултати. Тоа се зафатни финансиски активности, за што ќе треба време. Досега не сме го споменале езерското дно, каде се наталожени наслагите кои ги гледавме летово а пловеа по површината. Тие не исчезнаа туку материјата се распадна и падна на дното“ – рече Стојанова. Деновиве во крајбрежјето кај Отовичка река во мал обем се појавија овие пласти, со покачувањето на дневните температури.
Советничката Мирјана Петрушевска Савова од СДСМ праша зошто неколку пати се менува рокот за изведба на бушотини за вода од коритото на Отовичка река, беше декември, па јануари, па февруари и досега нема ништо од оваа активност, со која езерото треба да се снабдува со свежа вода.
„Според законот за минерални суровини и Законот за води, за да се пристапи кон изведба на бушотини, потребни се претходни хидро-геолошки истражувања. Тоа подразбира распишување на јавна набавка која е во тек. Сега чекаме документ за да се пристапи кон втората фаза“ објасни Стојанова.
| Tweet |




