речник контакт

За старите лица, домашна грижа од Црвениот крст

Старите лица од градот ќе добиваат домашна нега од волонтерите на Црвениот крст.

Петар Печков

Марија и Тоде Панови  двајца старци, осумдесетгодишници беа први домаќини на екипите од Црвениот крст од Велес, кои дојдоа во нивниот дом да им помогнат во секојдневните потреби за едно старечко семејство. Купување на неопходните потрепштини, храна ,лекови, муабет, но и мерење на крвниот притисок и шеќерот во крвта заради здравствена превентива. Ова е дел од неодамна започнатиот проект ,,Нега на стари лица во домашни услови,,.  Панови задоволни од тоа што го добиваат како услуга.

Јас слабо гледам и секоја помош е добредојдена. Децата ќе дојдат, ќе помуабетиме, прашуваат што ни треба. Убава работа е акцијата и е за пофалба. Со сопругата сме врзани за дома и тешко излегуваме. За купувањето ни помагаат зетот, внуците, но сепак убаво е кога ќе дојде човек дома, да не праша како си, затоа е добро што се започнала ваква работа. Сопругата не може многу да се движи и двајцата сме по дома - вели Тоде Панов кој има 78 години а  заедно со неговата сопруга Марија се корисници на услугите на Црвениот Крст од Велес во овој проект.

Со него се опфатени 60-тина велешани во највозрасната група. За реализација се грижат 22 лица на терен, две медицински сестри и 20 волонтери од подмладокот. Следната посета на  екипата  беше во домот на Нада Јаковлева.

Добро е кога се помага, посебно на постарите. Се обрнува внимание  и нега на лица на кои им е потребна помош. Еве јас ја искористив нивната посета па им ги дадов сметките да ми ги платат во Пошта и да ми купат лекови. Подолго време бев болна, лежев в кревет, па синот ги вршеше овие работи, сега детево ќе го одмени и ќе заврши навреме. На Велес му е потребна една ваква служба, има доста стари лица – вели Нада Јаковлева. Помошта на оваа категорија ранливи лица е потребна, тоа го покажала праксата изминатите години и децении. Волонтерите на Црвениот крст се тие кои секогаш се тука да помогнат.

Нашата помош се однесува за лесна нега на старите а во некои случаи и изнемоштени лица. Го мерам крвниот притисок и нивното на шеќерот во крвта, што се најчестите здравствени проблеми кај оваа возрасна група. Доколку има било какви поместувања на вредности, ги известуваме матичниот доктор како и блиските на старите лица - објаснува Тања Јаковлевска медицинска сестра.

По барање на финансиерот на проектот, бидејќи овие медицински лица се вклучени секој ден по осум часа на терен, тие додека трае ангажманот се вработени. Со неа оди и еден волонтер, средношколец,  секој од нив  по еден ден во седмицата. Тој помага во домашните работи кај домаќините.

Се решив да се вклучам во овој проект бидејќи знам дека на старите лица им е потребна помош, ова го правам со задоволство. Тоа не се одразува на моите училишни обврски. Подготвен сум да им ги задоволам нивните барања, било да е да купам нешто, лекови, леб, млеко, храна, рецепти за лек, да го фрлам сметот, да чистам ако има потреба – вели  Марјан Ѓоргиев волонтер од Црвениот Крст.

Секое  лице се посетува еднаш неделно, четири пати во месецот а посетата трае по 60-тина минути. Ова е пилот проект на  Републичкиот Црвен крст, финансиран е  од Австриската Агенција за развој и тамошниот Црвен крст. Ќе трае две години а во Велес е помогнат и до локалната власт на општина Велес. Обуката за овој проект е реализирана во Црна Гора, каде тој се спроведува повеќе години.
   
Лицата корисници ги одбравме со помош на  повеќе институции, пред се Центарот за социјална работа,  матичните доктори, Здружението на пензионерите. Создадовме листа од потенцијални  80-тина лица, кој потоа стручни лица од Скопје ја доведоа до 60. Некои од старите или од нивните фамилии, на кои им понудивме да ги посетуваме, ја одбија нашата помош  - вели Миле Маџаров секретар на Црвениот Крст во Велес. Освен во Велес се спроведува и во Скопје и Крива Паланка.

 Градоначалникот на општина Велес, Горан Петров најави дека по завршувањето на финансирањето на проектот од страна на австријците, локалната власт ќе го продолжи натаму со општински средства.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »