Петар Печков
Објавено: среда, 23 ноември 2022
Проблемот со греењето во Инфективното одделение при Велешката Општа Болница е стар и истиот се провлекува повеќе години.
Состојбата е проблематична посебно коа ќе се спуштат надворешните температури, објаснуваат од болницата, по реакциите дека пациентите се во ладни соби каде температурата е ниска и иста како надворешната.
И наместо со греење, се користат повеќе ќебиња пациентите да се стоплат, па поради тоа некои од нив и заминуваат дома, наместо да останат да лежат.
„Зградата на Инфективното одделение е стара а со неа и инфраструктурата и инсталацијата. Поради тоа топлината која се дистрибуира до зградата попатно се губи и просторите се ладни. Дограмата во зградата е стара. Не смее да се користат дополнителни грејни тела, бидејќи таму има боци со кислород и има опасност по околината и безбедноста. Беше предвидено и имаше обезбедено средства за да се започне со реконструкција на зградата во пролетта 2020-та година, но поради корона пандемијата целиот проект остана не реализиран“ - соопштија од болницата во Велес.
Додаваат дека побарале од надлежните во Министерството за здравство да им се предаде монтажната болница за користење и сместување на пациенти, но одговор не добиле. Сега таа стои празна и неискористена.
Во Инфективното одделение се сместуваат пациенти кои се позитивни на ковид-19, не само од Велес туку и од Повардарјето, Неготино, Кавадарци, Демир Капија и Свети Николе. Таму моментално лежат двајца пациенти.
Tweet |