Петар Печков
Објавено: вторник, 28 ноември 2023
Годинава по десетти пат, движењето Мовембер од Велес, го одбележа месецот на подигање на свеста за машкото здравје. Со повеќе активности, тие работеа да им укажат на машката популација за грижата за сопственото здравје за превентива на ракот на тестиси, ракот на простата. Од првичната забава и следење на светски тренд, тие станаа препознатливи во градот со нивната работа.
„Тоа што започна како забава, прерасна во движење, во активности за подигање на свеста на машката популација од т.н. машки болести. Работиме да укажеме од потребата од превентивни прегледи за нивно рано откривање, рано дијагностицирање и полесно справување, ако дојде до нив. Месецов одржавме предавање на доктор специјалист - уролог“ - кажа Иван Сарагинов, дел од движењето Мовембер Велес.
Машкиот месец, ноември започнува со забричување и оставање мустаќите да бидат дел од препознатливоста. Последната сабота во месецот се организира завршната забава кога се избира мустаќ и мустаќ во обид. Годинашен победник е Зоран Илкова а мустаќ во обид е Ристе Мулев.
„Победникот се избира демократски, го избираат гостите на забавата и тоа според поддршката, јачината на аплаузот кој го добиваат кандидатите во потесен избор. Победникот освен и титула добива и сертификат. Беа изработени маички кои се продаваа преку цел месец, претходните години имаше шолји, беџеви. Собраните средства и донациите од завршната вечер ги наменуваме за хуманитарна цел. Годинава планираме да обезбедиме апарат што е потребен на велешка болница“ - заврши Сарагинов.
Како дел од содржините во Мовембер, месецот на машкото здравје, тие организираа и изложба со плакати од десет годишната работа.
фото ФБ/ мовембер велес
Tweet |