Петар Печков
Објавено: среда, 11 ноември 2026
Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Дијалог со светото“. На неа се претставени двесетина дела цртежи во различни техники и десетина икони од велешките цркви, повеќето дело на Коста Зограф има неколку и од непознат автор.
Иконите се создадени во првата половина на XIX век. Во дијалог со нив се поставени дела на Димитар Кондовски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Никола Пијанманов, Горјан Ѓорѓиев, Трајче Чатмов и Ангел Коруновски, преку кои сакралните теми добиваат нови, современи ликовни толкувања.
„Пред нас имаме исклучителни, префектни дела на средновековно сликарство и пандан на него дела на автори од три генерации. На јавноста и го поставувам прашањето, дали гледаме поинаку во иста икона, кога стоиме пред неа во храм или кога стоиме пред неа во музеј? Многу е важно што ние сакаме да видиме во нив. Во храмот застануваме да се помолиме, во музеј на изложба забележуваме како е насликано лицето, светецот. Иконата е иста а очекуваме нешто различно. Дали со менувањето на местото каде ја гледаме, го менуваме и начинот на нашето размислување“ - кажа кураторот Јасминка Намичева. Таа посебно ја истакна можноста публиката да види дела кои досега не биле достпани за јавноста.
„Имаме екскулизивна можност на оваа изложба да видиме за прв пат дела од двајца македонски автори Димитар Кондовски и Глигор Чемерски. Авторите нив ги сметале за незавршени, а сега можеме да се увериме како тие размислувале во моментите кога ги создавале“ – додаде Намичева.
На изложбата пред јавноста се прв пат дела од домашните колекции на познатите македонски автори, Собор на архангелите и Св. Василиј од Димитар Кондовски, Херовимско бдеење, Крштевањето Христовото, Светиот коњаник и Пророкот на Глигор Чемерски.
Македонските ликовни автори со нивните дела се навраќаат на сакрални теми. Концептот на изложбата е современ автор со негово дело и веднаш до него икона на Крсте Зограф.
„Изложбата не е направена за да ја покаже разликата помеѓу старото дрво и новото платно. Таа сведочи дека потрагата по внатрешното духовно не престанува туку го менува својот облик“ – рече Алаксандра Гиовска, историчар на уметноста од Народен музеј Велес.
Изложбата е дел од одбележувањето на јубилејот 80 години од постоењето на Народен музеј Велес, кој е нејзин организатор и дел од настаните за одбележување на 82 години од ослободувањето на Велес. Изложбата ќе биде поставена седум дена.
| Tweet |














