Петар Печков
Објавено: петок, 04 октомври 2019
Вчеравечер во Ликовниот салон беше отворена изложба на академскиот сликар Љупчо Бојаров, која е превземена од Музејот на град Скопје. На изложбата се претставени 40-тина дела во масло на платно, цртежи, линорез во боја, дрворез, графика изработени од 1985 до 2019 година.
Она што првично го забележуваме во делата на Бојаров е еден специфичен индивидуален израз,со различно комбинирање на техниките, сублимирање на разновидни сликарски и несликарски материјали во креирањето на финалната уметничка експресија. Во делата во прв план го согледуваме суштинското познавање на авторот на старите цивилизации и нивните симболи,кои ги сублимира во сопствени знаковни системи и нивни кодови. Во сликите најчесто е предадена рано-христијанската симболика, симболи кои на синото небо и небесните води, имагинарните предели и пејзажи на делата им додаваат уште една доза на мистичност- кажа Елица Николова историчар на уметноста, која ја отвори изложбата.
Љупчо Бојаров е роден 1959 г. во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје . Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984 година. Член е на ДЛУМ од 1984 година. Живее и работи во Скопје. Досега има реализирано повеќе самостојни изложби, а учествувал на поголем број домашни и меѓународни изложби.
Tweet |