Петар Печков
Објавено: вторник, 04 септември 2012
Во организација на Народниот музеј и авторот, синоќа во Ликовниот салон во Велес беше промовирана ликовната изложба насловена „Етно приказни‘‘ од академскиот сликар од Гевгелија, Драги Хаџи-Николов-Аџи.
На изложбата се поставени 27 дела изработени во масло на платно во изминатите две години од творештвото на авторот. Во делата преовладува мртвата природа со етно мотивите, артефактите во кои секој може да го пронајде своето македонско битие и да го осознае духот на народниот творец.
Ова се творби, дела кои на некој начин се едно мое видување на нашата традиција, а чест ми е што изложбата по Скопје и уште неколку македонски градови ја донесов и во Велес градот со богата културна традиција, вели авторот Хаџи-Николов-Аџи.
Промоторот на изложбата Јордан Плевнеш драмски писател и дипломат за делата на Хаџи -Николов-Аџи истакнува дека во неговото сликарство се чувствува најголемата духовна вертикала на она што европското сликарство го донесе во светската историја. Преку неговите дела се крие македонската света тајна која ние ја нудиме на светот, потенцираше Плевнеш.
Драги Хаџи-Николов-Аџи досега има реализирано триесетина самостојни изложби во земјава и странство, а учествувал на повеќе групни изложби и колонии
Tweet |