речник контакт

Изложба на автопортрети на Трајковски пред велешката публика

Авторот се претставува со 20 дела, создадени последните 20 години

Петар Печков

Во Ликовниот салон во Велес, по повеќе месечна пауза, беше отворена изложба. Toa e  „Автобиографија во слики“ на Новица Трајковски. Тој пред велешани се претставува со 20-тина автопортрети, создадени во последните 20 години. Авторот кој е познат како врвен пејзажист, со ова изложба, трета во Велес, се претставува во друго  светло.

„Општо позната фраза е дека уметниците се егоцентрични личности. Речиси секој познат уметник, почнувајќи од: Дирер, Леонардо, Рембрант, Ван Гог, Пол Гоген, Реноар, Пикасо, правеле свои автопортрети.  Убедливо прв на таа листа е Рембрант со над 80, втор е Ван Гог со над 30. Авторот  Трајковски има  20 автопортрети, но тој сѐ уште е жив, здрав и активен, па може во иднина и да ги надмине големциве. За разлика од старлетите, естрадните уметници, што малку, малку, па ќе направат фото сесија, а потоа на социјалните мрежи ќе објават еден куп „селфија“, автопортретот е сериозна уметничка дисциплина што го покажува односот на ликовниот уметник кон себеси и кон тоа што го опкружува. Како одличен портретист, Трајковски ја има дарбата, како кај класиците, да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик, во овој случај себеси“- кажа промоторот Душко Кралески.

Пред публиката се поставени неговите автопортрети, мајка со расплакано дете во рацете -Новица како бебе; загрижено лице со темно-светла, изгорена позадина; љубовна средба со саканата; добро утро со кафенце и чаша вода; шеговито намигнување; шеретско насмевнување или блажена насмевка под капата на Дедо Мраз.

Новица Трајковски има завршено ФЛУ во класата на професорите Димитар Кондовски и Родољуб Атанасов и има реализирано 50 самостојни изложби. Работи како слободен уметник.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »