речник контакт

Изложба на кумановска графика (фото)

Претставени се 26 дела од 9 автори

Петар Печков

Во Ликовниот салон Велес во четвртокот вечер, беше отворена изложба, избор на дела  од  биеналната изложба на графика “Кумановски графичари 2015“. Координатор на проектот е НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово.

На изложбата беа претставени  дела од академските графичари: Зоран Јакимовски, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Милена Арсовска, Валентина Илијевска, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска и Елеонора Накевска. Тие се претставуваат повеќе ликовни концепти и идеи, дел фигурално, друго апстрактно, во зависност од размислувањето на авторите.  

Ова  е еден скромен приказ на графичкото творештво за коешто можеме со сигурност да кажеме дека во себе носи континуитет, спој на искуство и младост, техничка перфекција и иновација во обид. Графичкиот јазик на овие уметници од поодамна им е познат на љубителите на графиката: се работи за концепти развивани во повеќегодишни истражувачки искуствени акции,  автори коишто го имаат поминато тестот на јавноста и стручната критика. Кумановските графичари, беа на висина на задачата и понудија графички остварувања коишто инкорпорираат идеја, приказна и специфична визуелна естетика карактеристична за овој вид на ликовно изразување  - изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста.

Изложбата беше презентирана во Куманово и Кавадарци а во Велес ќе биде поставена во текот на наредните десетина дена. Делата се изработени во повеќе графички техники, аква тинта, мецо тинта, сува игла, линорез. Не е тематски организирана и е по слободен избор на авторите.  

Изложбата ,,Кумановските графичари,, постои од 2003-ра година. Пред велешката  публика преставени се 26 дела на автори од различни генерации графичари.  Организатор на изложбата е Кумановскиот центар  за култура а во Велес се претставува со помош на Народниот музеј  на Велес. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »