Петар Печков
Објавено: вторник, 03 мај 2022
Во велешкиот Основен суд, изречени се првите пресуди, за лицата кои беа обвинети дека се сторители на дел од серијата кражби во стариот дел на градот, од левата страна.
Судијката Валентина Ѓорѓиевска им изрече затворски казни на три лица, во две одвоени судење за два предмети. Сите тројца обвинети ги признаа кривичните дела за кои се товареа. Пропишаната казна за сите тројца беше максимум пет години а тие добија казна по признание на вина.
За кривичното дело „кражба“ извршена во угостителски објект, при што била причинета материјална штета од 50 илјади денари, украдени лап топ, боци со плин, канта сирење и месо, Влатко Ѓошов (43 год) и Ангел Лазарков (37 год) добија по 18 месеци затвор. На Лазарков мерката притвор во Шутка му е продолжена, додека на Ѓошов му е изречена мерка на претпазливост.
На Леонардо Мустафа (20 год) му е изречена казна затвор од две години за две тешки кражби, кои биле извршени во две напушени куќи. При тоа во едната е сторена штета од 10 илјади денари а во втората од 31 илјада денари. Нему му е продолжена мерката притвор.
Неговиот брат Армандо Мустафа (22 год) не го призна делото и него ќе му се суди во одвоена постапка.
На Леонардо Мустафа треба да му се суди и за кражбата на хуманитарната помош, донациите кои беа наменети за обезбедување на ручек, на лицата со ранлив социјален статус. Тој е обвинет дека ја украде кутијата од Гостилница Боем.
Tweet |