Петар Печков
Објавено: вторник, 26 мај 2015
За неколку дeна, три обиди за бидат прегазени полицајци, откако тие стопирале автомобили, за кои се сомневале дека превезуваат мигранти. И во сите три случаи, возачите се обиделе да ги прегазат полицајците. Во два случаи сторителите избегале а во еден е фатен.
Штипјанец се обидел да прегази полициски службеник со возило во кое имало седум мигранти, државјани на Сирија. Настанот се случи во неделата вечер, близу езерото Младост. Осумте лица биле во 101.
МВР соопшти дека Р.Д. (1966) управувајќи патничко моторно возило „Застава 101“ со велешки регистерски таблички не застанал на дадениот знак на полицаецот, кој бил во близина на Езерото Младост и се обидел да го прегази.
Униформираниот полициски службеник од огнено оружје-пиштол, испукал еден куршум во правец на возилото, при што лицето кое го управувало возилото, застанало. Р.Д. е приведен во Полициската станица - Велес, а во возилото биле пронајдени седум мигранти државјани од Сирија, информира МВР.
Против лицето, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Обид да прегази полицискиот службеник имало и при запирање патничко моторно возило „Фиат Брава“ со велешки регистерски ознаки, вчера во 21 часот и 20 минути. Според полицијата, откако не успеал да го прегази, возачот запрел на неколку метри и се дал во бегство. Во возилото биле пронајдени тројца мигранти од Сирија.
Полициски службеници во четвртокот попладне, околу 15:45 часот биле нападнати на патниот правец Гевгелија-Скопје, кај местото викано „Чешмата“ при обид да сопрат и контролираат патнички автомобил марка „ауди“ со скопски регистерски ознаки и „БМВ“, исто така, со скопски регистерски ознаки.
Како што информира МВР, возачот на патничкиот автомобил „ауди“ се обидел да ги прегази, по што со голема брзина се упатил кон Велес. Еден од полициските службеници, избегнувајќи го ударот, додека паѓал испукал еден куршум од автоматско оружје.
Околу 16:30 часот патничкиот автомобил „ауди“ е пронајден на автопатот Гевгелија-Скопје, кај клучка кај село Караслари. Во возилото пронајдени се траги од крв и дополнително ќе биде вештачено.
Tweet |