речник контакт

Имот имаат ама во документите на катастарот исчезнува

Од катстарот објаснуваат сопственоста можат да ја докажат преку геодетски елаборат. Ова е проблем со кој се судруваат жителите на Азот

Петар Печков

Сопствениците на имот во регионот на Азот се пожалија дека истиот го снемува од документите на катастарот. На секое доаѓање  имале се помалку парцели. Тие реагираат што за да докажат дека го поседуваат ќе мораат да плаќаат приватен геодет. Ова беше сликата на стотината гневни жители од повеќе велешки села, на отворениот ден на е –катастарот кој се одржа во канцеларијата во Велес.

Од  2003-та па  наваму секогаш кога вадам документ за сопственост на земјиште,  го имам се помалку. Татко ми  и остави 20 парцели во 88-та, толку беа со поседовен лист во 2003-тата. Со имотен лист во 2010-та гласат 12, вчера вадам нов и сега имам само седум. И сам се прашувам каде отиде мојот имот, како наеднаш исчезна – вели Мите Николовски жител на селото Нежилово.

Со овој проблем се судруваат жителите од соседството, селата околу Богомила, Согле, Теово, Папрадиште, Бистрица, Ореше. На парцелите  кои тие ги поседуваат имало  шума, обработливо земјиште и паша.

За да  ги вратиме овие парцели, ќе мора да одиме на приватен катастар. Таму цената за еден предмет е  100 евра, мене ми недостигаат 20, треба да платам две илјади евра за грешка која не е моја, туку на системот, на државата. Како јас ќе го вратам мојот имот.  Кога имало излагање, авионско снимање,  како што тврдат катастарските работници, на моја адреса не сум добил ништо, таму горе во Азот не се гледа локална телевизија, не се слуша локално радио. Од каде да знам дека треба да се пријавам  -  вели Мите Апостоловски.

Тој и останатите граѓани бараат шифрата за сопственост да се префрли  од старите документи, поседовни листови на новите имотни листови. Се сомневаат дека  нивниот имот, најчесто шумата на овој начин  ја експлоатира државата. Сите овие бројни поплаки ги слушнаа вработените од внатрешната контрола и надзор на Републичкиот катастар. Велат дека од толку реакции, малкумина имаат реален проблем, во  повеќето случаи  станува збор за  реакции кои се во надлежност  други служби, не во катастар. Згора на тоа дел од сопствениците се повикувале на поседовен лист, пописна листа, но не и на единствено важечкиот имотен лист.

Реакциите на граѓаните се за парцели со незапишани права. Согласно Законот  треба да   изработат геодетски елаборат. Тие биле повикани во постапката на изложување, доставени им се покани и решенија. На тоа решение тие се потпишани, имаат право на жалба, но никој не реагирал тогаш. Затоа сега им се дава можноста преку овој геодетски елаборат да ја  докажат сопственоста – изјави Билјана Аврамова раководител на ПЕ на Агенцијата за катастар.

Ниту овој одговор не ги смири  засегнатите граѓани, кои и натаму сметаат дека се оштетени, не по нивна вина.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »