Петар Печков
Објавено: среда, 02 март 2016
Доктор нападнал колега во Општата Болница Велес. Ова е информацијата која ја разбранува велешката јавност. Информациите се дека ортопед д-р Филип Тодоровски бил нападнат од хирург д-р Петре Кодовски. Тодоровски вели дека бил удрен, Кодовски дека имало недоразбирања, полицијата дека колегите меѓусебно се расправале. За расчистување на дилемите стапивме во контакт со сите страни од настанот. Наводно удрениот д-р Тодоровски го потврди случајот.
Во неделата вечер околу 19ч. од неразјаснети причини колегата со кого бевме дежурни на Хируршко одделение, д-р Кодовски се обиде три пати да ме удри. Два пати ме промаши а во еден случај ме погоди со бокс во глава. Добро е што бев присебен и не реагирав на неговите навреди кои продолжи да ги дава кон мене. Медицинските лица кои беа на смена, беа тие кои успеаја да го задржат да не ме удри уште некој пат - изјави д-р Тодоровски.
Тој нагласи дека на негова повик дошла полиција, која била два часа во Болницата, но одбила да земе крв од докторот Кодовски за да се видело во каква состојба е тој. По ова Кодовски си заминал а на негово место дошол на смена д-р Ванчо Граматов. Доктор Кодовски објасни дека имало вербален судир и ништо повеќе.
Како во секоја работа, доаѓа до несогласувања. Така и кај нас имаше недоразбирање, но далеку од тоа дека имало удари. Се е меѓусебно расчистено - изјави д-р Кодовски. Од велешката полиција во текот на вчерашниот ден, барајќи одговор дали и што се случувало во Општата Болница Велес, во неделата вечер, излегоа со информација дека инцидент немало.
На ден 28.02.2016 година околу 19,30час. телефонски во Полициска станица Велес пријавено е дека во ЈЗУ Општа болница Велес две од вработените лица викале на висок тон. Излезено е на лице место, обавен е разговор со раководителот на хируршко одделение и констатирано е дека не се работи за безбедносно интересен настан и дека нема основ и потреба за интервенција од полиција - пишува во информацијата на СВР Велес.
Tweet |