Петар Печков
Објавено: сабота, 09 јули 2022
Тројца храбри алпинисти, Слободан Димовски од Велес,Надир Мурсели од Тетово, Тони Стојановски од Скопје, оваа седмица се искачија во вертикалните карпи на планинскиот масив на Јакупица. Или го искачија подножјето кое води до врвот Солунска глава. Велат дека тоа што тоа сториле, е реткост, малкумина имаат храброст да се искачат по карпите, кои се под агол од 90 степени со подножјето.
Нивното искачување, траело половина ден. Започнало од близина на изворите на Бабуна, па се горе до подножјето на врвот Солунска глава. За порационално да го искористат денот, преноќиле во подножјето на карпата а искачувањето започнало во 5 часот.
„Ова искачување на масивот Нежилови карпи долго го планиравме. Тоа е еден од најголемите искачувачки локалитети во Македонија, ако не и најголем. Ја искачувавме централната насока, куларот наречен „Воскресение“ која е во висина од 700 метри. Искачувањето траеше од 6 до 19 часот. Околу 3 часот попладне не зафати големо невреме со град, со силни грмотевици, ветер а ние на среде карпа, нема каде да се сокриеш. Но успеавме да се заштитиме со едно шаторско крило, кое се најде во мојот ранец. Така еден час бевме ни горе ни доле. Потоа размислувавме дали да продолжиме или да се вративме. Но веќе минавме повеќе од половина и решивме да одиме до горе. Карпите беа многу влажни, лизгави и беше страшно тешко да се искачуваш. Тоа беше ризично, но големото искушение сепак го минавме. Бевме задоволни, среќни и насмеани кога стигнавме горе од успешно реализираното искачување“ - вели Димовски, кој има само 22 години и го привлекуваат вакви адреналински предизвици.
Објаснува дека тој и колетите алпинисти, тоа го сториле од лично задоволство. За ова нивно искачување, кое е опасно по живот, потребна е храброст, смелост, одважност.
„Фактот дека на таа височина, сам со себе на карпите, беспомошен, го зголемува адреналинот. Тоа е нешто што вреди да се доживее. Се искачувавме со традиционален начин, со ковање клинови. Има некои претходно кои се од порано поставени, ние ги зацврстувавме или поставуваме нови. Треба да се доживее погледот од високо, од карпите кон регионот на Азот. Таму во високото, каде се гнездат птиците, видовме и некои нови црни што досега ги немам видено“ - додава Слободан.
Негова желба е Нежилови карпи да ги искачи во зима, во зимски услови, што досега никој го нема сторено.
Tweet |