речник контакт

И во ЈЗУ Здравствен дом Велес пронајдени вакцини со грешни декларации

Министерот за здравство Филипче најави и казни за директорите и вработените во Здравствените домови, каде се пронајдени вакви вакцини со грешна декларација

Петар Печков

Велешкиот ЈЗУ Здравствен дом е еден од  осумте во земјава каде беа пронајдени МРП вакцини  со погрешно залепени декларации. Вкупно 635 кутии од МРП-вакцината, (за морбили, рубеола и паротитис) биле пронајдени при направена внатрешна контрола освен во Велес и во Крушево, Струга, Демир Хисар,  Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје.

Оваа информација предизвика загриженост кај родителите на децата кои во овој период примиле вакцина.  Контролата покажала дека залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година. Од Министерството за здравство  потенцираат дека сите дози од МРП- вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline)  од Белгија.

„МРП-вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има два сертификата, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија од вакцините и на секое шишенце вакцина има т.н. воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок“ стои во соопштението на Министерството за здравство. 

За ваквиот сериозен превид, дистрибутерот на МРП вакцината ,,Македонија лек,,  ќе добие парична казна, која може да стигне до 70 илјади евра.   Министерството за здравство нема да го раскине договорот со фирмата, бидејќи овие биле последни количини на вакцини, но по направениот пропуст, размислува во иднина да ја дисквалификуваат фирмата на следниот тендер. Министерот  за здравство Филипче најави и казни за директорите и вработените во Здравствените домови, каде се пронајдени вакви вакцини со грешна декларација, оти при примопредавањето не го забележале ова. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »