Петар Печков
Објавено: вторник, 04 јануари 2022
По напуштање на заштитните установи/семејства, односно на системот во кој биле згрижени, младите лица без родители и родителска грижа се соочуваат со низа предизвици и заради сериозната промена се уште имаат потреба од поддршка и помош од државата. На почетокот од личното осамостојување, задоволувањето на нивните основни потреби (биолошки, социјални, психолошки) не се одвива лесно, а младите се уште се во возраст кога од големо значење се психолошките потреби од сигурност, безбедност, блискост, љубов, отсуство на страв и неизвесност.
Ова го покажува неодамнешното истражување во рамки на проектот “Овозможување на услови за социо-економска интеграција на децата без родители и родителска грижа“ имплементиран од Здружението за социјално претприемништво и одржлив развој АПИСЕЕД и Здружението за деца без родители и родителска грижа „Голема Фамилија“.
Според истражувањето, овие млади истакнале дека социо-емотивна поддршка им е потребна и во периодот додека самостојно продолжуваат во животот, продолжувајќи со образованието и личната надградба, со својот развој како личности. Посебно ја истакнуваат потребата да имаат со кого да разговараат и добијат водство за одредени прашања. Исто така, се потенцира дека постоечкиот систем на услуги и понудени законски решенија кои се однесуваат на децата без родители и родителска грижа не ги задоволува потребите на оваа ранлива група граѓани.
Утврдени се низа недостатоци за чие надминување ќе биде потребна интервенција и менување на постоечката законска регулатива, но и изнаоѓање алтернативни решенија таму каде што системот е немоќен.
Дали да се продолжи со високо образование, како финансиски да се издржи, како до сопствен дом, вработување, итн., се дел од предизвиците и потребите на овие лица за кои државата, се уште, нема изготвено соодветна стратегија.
Свесни за предизвиците кои ги носи современиот начин на живот, испитаниците сакаат да се надградат со соодветни вештини и знаења кои ќе им овозможат да бидат конкурентни на пазарот на труд, односно, во крајна линија ќе им помогне да се осамостојат и да стекнат свој дом.
Во продолжение и видео записот во кој Христијан Јованов, Иван Усовски и Сербез Ридаров ги споделуваат своите лични приказни за животот по напуштање на детскиот дом „11 Октомври“ и ги охрабруваат своите “браќа и сестри“ да веруваат во себе и да не се откажуваат од своите соништа.
Tweet |