Петар Печков
Објавено: вторник, 24 јануари 2023
Богомилчанецот И.Г. (20 год) ОЈО Велес го осомничи за кривично дело убиство. По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против жител на Богомила осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, на 22 јануари, со умисла лишил од живот едно лице. Оштетениот 60-годишник дошол до куќата на осомничениот да ги повика својата сопруга, ќерката и помалиот син кои биле во домот на осомничениот да се вратат дома. Осомничениот на тоа излегол надвор и без причина започнал да го удира оштетениот со тупаници во пределот на градите. Ќерката на оштетениот ги раздвоила, но од повредите оштетениот починал“- соопштија од ОЈО Велес.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основен суд Велес, доставил предлог за определување мерки за претпазливост за осомниченото лице И.Г.
Според Кривичниот законик за делото за кое е осомничен И.Г. предвидено е „тој што друг ќе лиши од живот ќе се казни со затвор најмалку пет години’.
Tweet |