Петар Печков
Објавено: недела, 16 август 2015
Фрижидерите во Велес првично почнале да се употребуваат по Втората Светска војна. Пред овој период, велешани се снаоѓале како знаат и умеат за да се освежат. Тогаш немало газирани пакувани шишиња со пијалаци. За да се разладат се користела лимонада и боза, од велешките бозаџии. Велешкото семејство Паунови, кое ја има една од куќите кај Варналиите, имале колонијал, продавница од која велешани се снабдувале со потребштини.
Продавницата беше карши денешната кафеана на Пармакот, кај пазариште. Во лето, за да се продаваат ладни освежителни пијалаци, дома во тремот чувавме снег. Моите ќе донесат поголеми количества снег, или мраз, ќе ги покријат со сено, со гранки. И така се додека можеше топлото време не го стопи, носевме на дуќан или тука ги чувавме пијалаците и така ладни ги продававме. Да нема забуни тоа беше боза и лимонада, во тоа време други немаше - се присетува Миле Паунов.
Тој е преостанат од семејството Паунови, кој и денес живее во куќата каде се чувал снегот и мразот за ладење. Тремовите тогаш биле најсвежите места во домовите на велешани, каде без ер кондишн, се одржувал природен лад и биле место каде семејството во жешките денови се собирало и муабетело.
Но велешани и велешките газди имале и природни ,,фрижидери,, во првата половина на 20-иот век. Тоа биле ,,рупите,, природни долини на ридот ,,Гроот,,.
Во рупите, имаше можност подолго време да остане снегот или мразот од зимата. Тогаш беа многу подолги и постудени, не беа како сегашните. Снег имаше во изобилство. И пред да пукне пролетта, газдите ќе отидеа во овие природни долови, каде имаше снег или мраз, ќе го покриеја со гранки или сено. И кога ќе им требаше ќе отидат, ќе земат за во продавница. Така продаваа оранжада. Во ,,рупите,, држеше ладно и среде лето, до кога може до тогаш. Такви беа тогаш досетливи велешките газди за да продаваат ладни пијалаци - вели постар велешанец.
посветено на татко ми Живко, без чија помош немаше да биде создаден овој текст...
Tweet |