Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 јули 2026
Претставници на Националниот конзерваторски центар (НКЦ), со локалната власт на Чашка и Народниот музеј од Велес, договараа соработка за заштита на споменичниот комплекс „Горно Врановци“ каде се лоцирани шест спомен куќи од НОБ. Тие се на користење на велешкиот музеј а се на територија на Општина Чашка. Целта е искористување на средствата одборени по проект за промоција и користење на спомен куќите во Горно Врановци.
„На средбата директорот ги презентираше одредбите од Законот за заштита на културното наследство кои се однесуваат на Планот за управување, а со кои се одредуваат надлежностите на сите правни субјекти вклучени во управувањето со споменичката целина, како и можностите и условите за јавно приватно партнерство, концесии, вршење на стопанска дејност во заштитено добро и користење име или облик на културно наследство за комерцијални цели. Притоа, ја истакна важноста за изработка и промоција на овој плански документ, со кој ќе се обезбедат соодветни услови за заштита на доброто и ќе се дефинираат конкретни цели за управување, вреднување и истакнување на историските, меморијалните и амбиенталните вредности на споменичката целина и нејзиниот потенцијал за развој на локалниот туризам“ – соопштија од НКЦ.
Тема на состанокот била изработката на План за управување со споменичката целина „Село Горно Врановци“, кој е дел од Годишната програма за работа за остварување национален интерес во културата за 2026 година на Националниот конзерваторски центар, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, а по задолжение од Управата за заштита на културното наследство од 2026 година.
фото архива ТрМр
| Tweet |




