Петар Печков
Објавено: четврток, 23 март 2023
Сообраќајната гужва пред Основното училиште Блаже Конески е секојдневие. Таа е така со години, но не се преземат мерки за нејзино решавање. На последната седница, советникот Марјан Николов, побара реакција од сообраќајната полиција.
„Околу 15ч. во работните денови, кога родителите ги земаат децата од училиште кај ОУ Блаже Коневски, се случува неверојатна гужва. Затоа е добро да апелирате до колегите, кои се надлежни за сообраќајот, во тој период таму да има сообраќаец, кој ќе го регулира сообраќајот. Истото се случува во пазарните денови на кружниот тек, во центар, кај споменикот на „Коњаникот“. Затоа сметам дека во одредени делови на градот, во одредени делови од денот, е потребно сообраќаец да го регулира сообраќајот. Така ќе има поголемо циркулирање на автомобилите, да нема колони преку мост“ – кажа Николов.
Оваа забелешка беше адресирана до Игор Јовановски, заменик командир на ПС Велес, кој беше присутен како претставник ан Полициска станица Велес, на разгледувањето на извештајот за нејзината работа.
„Тоа е надлежност на ПС за безбедност во сообраќајот. Мислам дека е видливо присуството на сообраќајците, кои ги има по сообраќајниците низ градот секојдневно. Перцепцијата кај граѓаните е дека е мало присуството на сообраќајци на овие места, школи, кружен тек. Се преземаат акциски контроли, републички, локални, околу паркирањето. Има санкционирано 12 илјади сообраќајни прекршоци лани. Ќе биде пренесена на колегите оваа забелешка“ – изјави Јовановски.
Tweet |