Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 август 2022
Неделата попладне на автопатот А1, кај наплатната рампа Виничани – Градско се реализираше превентивната активност под мотото “Вози одморен“. Таа се одржа во периодот од 16 до 20 часот.
„Преку делењето на едукативно- информативен печатен материјал на возачите им беше препорачано стриктно почитување на сообраќајните правила и прописи, а воедно од страна на полициските службеници им беа делени и шишиња со вода. Целта е да им предочи на патниците, односно учесниците во сообраќајот за опасностите од долготрајното возење особено при летните временски услови кога фреквенцијата во сообраќајот, особено по овој автопат е исклучително голема, и за потребата за одмор на возачите заради нивна лична безбедност, но и безбедност на сите учесници во сообраќајот “- соопштија од МВР.
Оваа активност претставува дел од оперативниот план на Министерството за внатрешни работи – “Безбедно лето 2022“. Беше реализирана од Отсекот за превенција при СВР Велес, Одделението за полиција и Полициската канцеларија Градско, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Летово на автопатот „Пријателство“ на делницата од Катланово до Градско имаше неколку сообраќајни несреќи, една и со човечка жртва и повеќе тешко повредени учесници.
Tweet |