Петар Печков
Објавено: недела, 08 февруари 2026
Двајца професионални војници од велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“ се зарезени со шуга. Инфомрацијата ја потврдија од АРМ и Министерството за одбрана. Заразените се дел од 296-те нови професионални војници, кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширењето на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
„Сместувањето на војниците е регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со Армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња. Капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови“ - пишува во заедничкото соопштение на Министерството за одбрана и АРМ.
Потсетуваат дека во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“ досега е реализиран прием и сместување на повеќе класи на новопримени професионални војници, со бројка поголема од актуелните 300 лица, како и најголемата ситуациска вежба „SEVEN STARS 2025”, со учество на над 150 национални и странски претставници. Во ниту еден од овие случаи и покрај големиот број на ангажирани лица, не била евидентирана појава на шуга.
Шугата претставува инфективно, паразитарно заболување со карактеристични кожни промени и силно изразен јадеж. Периодот на инкубација на заразната болест шуга, според Институтот за јавно здравје е четири седмици. Сите 296 професионални војници по положената заклетва на 16 јануари заминаа дома на продолжен викенд до 19 јануари. И овој викенд сите 294 професионални војници се на викенд дома. Дел од нив се во Штипската касарна, но и тие се викендов дома. Двете заразени лица со шуга се на домашна нега.
Шуга во велешката касарна се јави и во ноември 2019 година. Тогаш од Министерството за одбрана соопштија дека имало еден случај, војник кој дошол доброволно да служи воен рок и шугата не потекнувала од касарната, ја донел од дома.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2024 година регистрирани се 493 заболени лица, a во претходната 2023 година 337 заболени. Во периодот од десет години 2014-2024 година, најголем број заболени 527 регистрирани биле во 2015 година, а најмал број во 2021 година 151 лице.
фото архива ТрМр
| Tweet |




