Петар Печков
Објавено: петок, 27 јануари 2012
Киро Камчев, директор на велешката фабрика за цигли АД Киро Ќучук вчера претпладне два пати седеше на обвинителната клупа во Основниот суд во Велес, за злоупотреба на службената должност. Во две одвоени судења тој се товареше за финансиски малверзации со кој ја оштетил државата и фабриката.
Според првото обвинение во периодот од 14 јануари 2009-та до 14 октомври 2010-тата тој од 900 илјада цигли кои биле запленети од УЈП продал 881 илјада. Оваа стока била попишана од страна ан Министерството за финансии, УЈП поради долг кон државата за неплатени даноци, ДДВ, персонален и данок на добивка. Кога на почетокот од 2011 година дошла комисија од УЈП тие не ја нашле стоката, која била продадена. Камчев за ова дело се бранеше дека циглите ги продал, бидејќи претходно го подмирил долгот.
Во телефонски разговор со тогашниот раководител на Регионалното одделение на УЈП во Прилеп ми беше речено дека долгот е платен и можам да ги продавам циглите – изјави пред судот Камчев. Тој за ова ниту побарал ниту добил писмен документ, туку се било на кажан збор. Камчев не ги обжалил подоцнежните решенија за присилна наплата кои ги добивал, поради неплатените даноци, иако тврдеше дека долгот го платил.
Претставникот на УЈП од Велес, објасни дека Киро Ќучук бил еден од поголемите даночни обврзници во општината, но од 2007-та започнале финансиските проблеми со неплаќање на даноците, поради што во два наврати прво со 200 илјади а потоа и 700 илјади цигли, биле попишани како можност за подмирување на долговите а истите биле заведени во заложниот депозитар.
АД Киро Куќук иако најави согласно законската можност од 2010 дека со плаќање на основицата на долгот, ќе и бидат простени каматите, таа не го стори тоа, по што сите нивни долгови останаа. Не сме побарале овие цигли досега да се продадат поради стравувањата дека како доверители од втор ред, од прв ред се банките, парите ќе отидат кај нив а државата ќе остане со празни раце – изјави Гоце Јовановски од велешката единица на УЈП.
Тие побараа обештетување во висина од 22 милиони денари, за колку била оштетена државата со продажбата на 900 илјади цигли, кои биле запленети. Судењето по овој предмет продолжува со сослушување на сведоци.
Со второто обвинение, кое се води како друг предмет, директор Киро Камчев се товареше дека ја злоупотребил службената положба и на тој начин присвоил значителна сума пари, не помала од 15 милиони денари. Во повеќе наврати Камчев испорачувал стока, тули, цигли и друг градежен материјал на повеќе лица, со крајна цел да купи акциите од трето лице во висина од 9,2 милиони денари и наместо да ги плати од сопствен џеб, ги платил со производи од друштвото каде управувал.
Камчев во моментот кога беше уапсен за ова дело на 20 мај 2008-тата, кај него беа пронајдени 4,4 милиони денари пари во готово, за кои обвинителството смета дека биле подигнати од касата на друштвото. За ова Камчев доби ослободителна пресуда, но Апелација ја врати на повторно судење. Постапувајќи по забелешките од повисокиот суд, побарано е ново вештачење со кое ќе се открие фирмите кои се јавуваат во случајот дали ги примиле циглите, дали ги платиле и на кој начин ги префрлиле парите, со кои обвинителството смета дека се платени акциите.
Tweet |